Одбележан 27 март светскиот ден на театарот
Со 15-та изведба на претставата “Мангите пијат чај” во режија на Коле Ангеловски, театарот го одбележа 27 март – светскиот ден на театарот. Пред претставата се прочита светската порака од актерот Џон Малкович и македонската од актерот на Драмскиот театар Мето Јовановски, кој вели дека актерот, како и секој човек сонува, мечтае по убавото и креативното. Мечтае по она што ја возвишува и храни човековата душа, со желба секојдневието да се преточи во возвишен сценски живот, во тој “магичен ринг што живот значи”. Ринг, кој честопати е пропратен со многу возбудувања, но и многу непреспиени ноќи само со една единствена цел, барем за миг да се долови највозвишеното, да се влезе во светот на креативноста. За миг да се заборави црно-белиот свет. А нашата радост, возбуда и љубов да ја споделиме со оние за кои постоиме, а тоа е публиката – вели Јовановски.
Во театарот лани се одиграле над 110 претстави пред 22 илјади посетители. Најгледана, пет години, е “Од кол на кол” со 70 прикажувања.