Наши хармоникаши на тронот во Србија

Да се се фати место за учество на меѓународен музички натпревар по хармоника во Србија, само по себе е успех. А да се освојат две први места, во конкуренција од најдобрите хармоникаши на Балканот е еднакво на олимписки медал. Овој инструмент кој е најпознат по тоа што е најзастапен на свадби и веселби со народна музика, на 17 март во Аранѓеловац, во Србија, се реоткрил во својата оригинална намена – класична музика.

Професорката Кети Милеска по хармоника од нашето музичко училиште била член на жирито, составено од четворица професори и магистри од Србија и Хрватска. Покрај должноста како жири, Милеска “ги понела најдобрите мајсторите”, Стефан Трајкоски од четврто одделение и Филип Петрески од петто одделение. Двајцата брилјирале во музичкото училиште во Аранѓеловац. И тоа во жестока конкуренција од 50 учесници. Нашите деца, небаре виртуози, присутните ги оставиле без зборови. Членот на жирито од Хрватска не ни знаел дека во Прилеп постои училиште кое создава музичари од ваков маштап. При гласањето за Филип и Стефан, Милеска немала право на глас, ама не им бил потребен. Пофалбите и највисоките оценки на останатите членови од жирито го сториле своето. Првите места осамнале кај нив. И тоа не првпат. Познати се на Балканов. Се закитиле со признанија за први места и на други меѓународни музички  трки.

– Во Србија, Стефан се претстави со дела од Богдан Давлаш и Кечер, а Филип со Бах и Белушицки. Учениците си создадоа контакти со другарите од странство – кажа професорката Милеска која секој ден се бори со стереотипите за хармониката како “народен” инструмент.

Таа веќе ги подготвува децата за државниот натпревар во Охрид. Секако, таму ќе “бијат музичка битка” Филип и Стефан. Паралелно, “тренираат за претстојните мечеви”  во Сараево и Смедерево.

Милеска очекува набавка на квалитетна хармоника “петличарка”, која е подобра за класика, а децата да можат да ги покажат сите умештва, да се носат рамо до рамо со резултатите и на овој вид хармоника.

Loading