Сериозни математичари од Гимназијата
Годинава е плодна за математичарите од гимназијата “Мирче Ацев”. На натпреварот во Скопје, организиран од Сојузот на математичари на Македонија, учествувале Стефан Николоски во категорија прва година, Фелина Сапунџија од втора година и “ветеранот”, од трета година Антониј Мијоски. Лесно го поминале првото “решето” – регионалниот натпревар и се пласирале за државниот. Антониј бил прв меѓу 40 учесници. Наградата ќе му послужи за олеснета апликација за странските или домашни Универзитети. Стефан освоил второ место и добил стипендија. Фелина се закитила со пофалница.
Менторите Јорданка Чешелкоска, Евгенија Нешкоска и Маријана Спиркоска рекоа дека учениците се со голем капацитет и знаења што ги нема во учебниците. Велат дека талентот кон математиката, треба да се надградува со континуирана работа. Математички соодносот талент и работа го изразија процентуално 70 со 30.
Антониј кажа дека задачите биле едноставни и логични, па не сетил зголемена тежина. Мијоски додаде дека за математиката треба да работат сите “запчаници” во мозокот и дека се подготвува за натпревар по информатика. Антониј сака да ги поврзе информатиката и физиката со математиката во натамошното образование. Можеби ќе успее ако стане студент на Електро – технички факултет.
На Стефан му е рано да размислува за факултет, а Фелина го “мерка” Архитектонскиот, оти задачата по геометрија ја решила беспрекорно.
Сите тројца излегуваат за разонода. Антониј и Фелина се маераклии за пливање, па летно време вежбаат “Делфин” и “Краул”. Сите тренирале одбојка, ракомет или кошарка, ама не им останува многу слободно време со дополнителната настава по математика за натпреварите.