По поразите на 11 Октомври
Одамна не се памети толку спуштено фудбалско расположение. Полошо отколку кога пред две – три децении Победа отпаѓаше од втората југословенска лига. Повод се поразите на 11 Октомври, причина бесперспективноста. Јавноста гледа црна иднина. Не е праведно само 11 Октомври да оди на душа. Ако вината е само врз овој тим, тогаш е лесно. Никој не ги фали победниците, на пример Охрид… Целиот фудбал е во прашање. Македонскиот, балканскиот. Не е времето кога една Црвена Ѕвезда со буџет од 10 милиони марки да стане европски и светски првак. Сега и милијарда евра не се гаранција. Значи треба да се погледне вистината в очи. Играчите се еден сегмент и не е фер да се потсмеваме, да изигруваме експерти, оти демек знаеме како се игра, гледајќи секој ден европски фудбал на ТВ! Фудбал од гледање ТВ не се учи. Фудбалот е огромен проект. Списокот што треба да се направи за добар фудбал: масовност низ многу клубови од најнизок до највисок ранг, побројни младински школи, терени, стадиони, инфраструктура според стандардите. Има уште многу: стручен кадар, менаџерски кадар. Мнозинството клубови уште не зачекориле во новото време, организирани како пред 30-50 години, а тоа ниво доведува до резултат – нула! Истото важи за Федерацијата, сите државни селекции. Се мора да функционира со години и децении да дојдеме до некаков успех.
Кој може да пресмета колку пари и вклучени кадри се потребни? Фудбалот е прескап спорт? Точно. Затоа од малите спортови се наметнува тезата “Зошто државата или фирмите да вложуваат во фудбал, кога кај нас со малку пари и тренинзи по училишни сали собираме медали?”. Се заговара дури и откажување од фудбалот.
Одговорот е едноставен: Во фудбал (евентуално уште во кошарка или ракомет) ефектот е голем со афирмација на градот и државата. Доволно е еден Пандев да заигра 10 минути во Италија и за Македонија да се слушне повеќе, отколку да се освојуваат илјадници медали, на пример, во куглање. Затоа треба фудбал на оваа земја и овој наш најфудбалски град.
В сабота меч
Нов трет пролетен пораз на 11 Октомври дома од Брегалница (0-1). В сабота е гостувањето кај Работнички без тренерот Трајче Илиоски, кој поднесе оставка. Ништо не е подобар и второлигашот Победа јуниор. Загуби со 3-0 на гостување кај Миравци.
В недела (16 ч.) е мечот дома со третото Скопје.