На “стартна позиција” кај Расимбеговиот мост на Црна река во Мариово биле околу 70-тина планинари од ЕПД Картуш. Малку се насладувале на убавината на набуената, од топењето на снеговите, река. Возбуда и почит предизвикувала силната и моќна надојдена Црна. Од таму се упатиле кон селото Чаниште меѓу изобилството ниви оградени со камења. Еден дел од атарот, селаните го викаат “Кинескиот ѕид”. Нивни соселанец со години оградувал огромна површина земја со камења и создал илјадници метри ѕид. Следувало пешачење кон селото Дуње и манастирот Свети Ѓорѓија, каде им завршила турата. Под нозе “паднале” 20 километри. Не сетиле мака, ниту дека минало времето, оти околната глетка, капена во сонце, низ патеката било за мерак. Не мируваат планинарите. Викендов ќе го освојуваат низ марш селото Брод, битолско. Ќе движат кон историското Паралово, познато по погибието на војводата Ѓорѓи Сугаре.