Такси им носи книги дома на пет-шест тешко подвижни

Два нови проекти во Библиотеката

Библиотеката “Борка Талески”, проширувајќи ги и осовременувајќи ги услугите кон членовите и корисниците, а  со цел уште повеќе да ја доближи книгата кон читателот, организира проект  такси – книга, за кој директорот Петар Петрески вели дека граѓаните пројавиле интерес.

– Има граѓани кои поради објективна социјална исклученост (стари и изнемоштени лица, тешко болни, неподвижни и слично,) што имаат голема љубов кон книгата, но што не се во можност лично и непосредно да ги користат услугите на нашата институција. Поаѓајќи чисто од хумани побуди, односно, сакајќи да ги задоволиме и нивните културолошки и човечки потреби, објавивме повик да се пријават. Библиотеката, бесплатно, преку такси, ќе им ја испорачува побараната литература. По истиот метод позајмените книги ќе се враќаат назад. Првично има ефекти. Веќе пет – шест лица посакаа да бидат дел од проектот. Воедно лицата бесплатно ќе бидат зачленети во Библиотеката – вели Петрески.

Вториот проект е  “Книга на отворено” со слоганот “Небото е книга на природата, книгата  е небо на човекот”.

– Настојуваме книгата да ја доближеме и да í го продолжиме дружењето со читателската публика со претстави на најновите изданија на македонските издавачки куќи. Повеќе издавачи пројавија интерес да се претстават на подвижни штандови со своите најнови книги еднаш неделно, каде читателите ќе можат да купат книга. Планирани се и средби со познати автори, своевидни промоции на отворено, групни посети од ученици – додава Петрески.

Loading