Сé повеќе пари од тутунот

Цените се зголемени за новата сезона, но тутунарите сметаат дека е недоволно, поради скапата нафта

Влегуваат 55 милиони евра од тутунот во прилепско

Тутунарите ги тријат рацете пред претстојната сезона.  Порастот на цените на тутунот и интенциите на здруженијата на тутунарите да извојуваат уште некој денар повеќе за третата, најмасовна, класа го прават тутунопроизводството попривлечно во споредба со лани. Затоа и министерот за земјоделство Љупчо Димовски оцени дека најмалку 15 отсто ќе бидат зголемени површините под тутун годинава. Тој прогнозата ја темели на зголемените цени на тутунот, понудени од откупувачите, иако здруженијата на тутунарите негодуваат за новите цени, повисоки за околу десетина денари по класа. Тутунарите барат корекција на цените нагоре, поради растот на цените на репроматеријалите, ососбено на нафтата, што го прават производството поскапо.

Како и да е, тутунарите веќе кројат планови колку поголеми површини да обработуваат. Затоа ги чекаат последните денови, односно 31 март, да го евидентираат производството во П.Е. на Министерството за земјоделство. Оттаму пак велат дека од околу 15 илјади тутунари, десет  илјади веќе поднеле документи и зеле бели картони за евиденција, и тоа на поголеми површини. Тоа е потврда за типување на профитабилност на тутунопроизводството годинава. Проценките се дека тутунот во просек ќе помине три евра за килограм во оптимална година, ако не се случи некоја голема суша или пак летото да биде врнежливо. Дека тутунот е добар извор не само за егзистенција, туку и за бизнис, сведочат изјавите на тутунарите кои велат дека пак, како пред две години, растат кириите на нивите. Декар се најмува за над 50 евра во околината на градот, а и повеќе за нивите опфатени со системот за наводнување.

Министерот за земјоделство Љупчо  Димовски на крајот од откупот на ланскиот род го сподели задоволството со тутунарите. Рече дека   имало успешна реколта, гледајќи низ просечната откупна цена на тутунот од 164 денари за килограм ориентален ситнолисен тутун, карактеристичен за македонското поднебје.

– Во Прилепско се произведени 14000 тони квалитетен тутун, што значи тутунарите ќе добијат уште 14 милиони евра или вкупно 56 милиони евра. Тоа е добра сума и силен проиводствен ефект не само за тутунарите, туку и за државата. Предвремениот откуп на тутунот во септември даде добри резултати. На тоа се согласија и здруженијата на тутунопроизводителите. Мислам дека раниот откуп е олеснување, заради навремената исплата. Плаќањето се одвиваше во законскиот рок. Нема да задоцнат и субвенциите, кои ќе се исплатат навреме. И тоа е голема поддршка. Имаме слух за проблемите со кои се судираат земјоделците и излегуваме во пресрет – рече Димоски.

Со здруженијата на тутунарите, експертите, откупните компании ќе се изготви измена на законот за тутун да им се излезе во пресрет на тутунарите.

– Да се добие “белиот лист” потребно е да се достави имотен лист или договор за закуп. Тука има проблеми оти има узурпирана земјоделска површина. Свесни сме за проблемите и имаме разбирање – рече Димовски.

Министерот за земјоделство смета дека тутунарите и откупувачите треба да се договорат за цените

– Има страна со понуда и страна со побарувачка. И тие треба да ја утврдат цената. Откупните компании имаат зголемена цена на првата класа. Нормално е секој да сака да купи тутун со подобар квалитет – рече министерот.

Институтот за тутун е интензивно вклучен во соработката.

Loading