Резил за фудбалската традиција

Писмо

За вовед, еден виц. “Се враќа Мујо од гастарбајтерлук од Германија. По подолг посен период под режим “куча пос’о – пос’о куча”, интимно се исполнува со својата Фата. По чинот, изненадениот Мујо ја прашува Фата како станала толку умешна. Таа му одговара дека се “поднаучила”, гледајќи ги видео лентите со “онаква” содржина што тој &  ги испраќал за да не се чувствува осамено. На тоа, Мујо се замислил и самиот се запрашал: “Како тоа јас не научив да играм фудбал, а секоја вечер гледав Бундес лига?”

Се враќам на поводот на моето писмо. По неколку години апстинирање, појдов на фудбал. Играше 11 Октомври против Охрид. Грчевито се бориме за опстанок. И што видов? Самиот резултат кажува се –  0 : 3! Овие фудбалери воопшто не личат на прволигашки. Дали гледаат фудбал на телевизија, како тоа го прави Меси, Роналдо и другите? Па како Фата од вицот да научат некоја финта. Срамота е во денешно време да гледаме вакви “фудбалери”, особено оние кои ги паметат Глигороски, Магдески, Дрвошанов, кои, иако играа како аматери, (без плата од клубот), одиграа вистински дерби мечеви за паметење пред 15000 навивачи против Трепча, Беласица, ОФК Београд. Барем јас ја паметам таа генерација. Повозрасните со воздишки раскажуваат за шеесетите години од минатиот век, кога само поради политички причини Победа не влегувала во Првата лига. Последно што вредеше беше генерацијата на Тони Наумоски и Мантата.

Не можам да сфатам како овие денешни фудбалери, кои земаат двапати повисока плата од просечната, играат како да се во Општинска. Каде е посветеноста кон својот клуб и благодарност кон оние што финансиски вложуваат во него? Кој е овде крив за нивната селекција. Сигурен сум дека во нашиот град има мошне талентирани момци, но кои поради нечии интереси не можат да бидат во тимот.

Доколку се сакаат резултати, препорака до главниот спонзор – Витаминка, (единствен вистински поддржувач на спортот и културата од бизнис секторот во нашиот град), да се селектираат и да им се даде шанса на децата од нашиот град. Како пример за правилна селекција: од неколку големи европски клубови, единствено Барселона прифатила услов да плаќа хормонска терапија за поттикнување на растот на малиот аргентинец Меси, кој во меѓувреме стана најголем. Додека не се направи правилна селекција, ќе остане коментарот на еден гледач кој си замина на полувремето на натпреварот со Охрид дека “овие не се за гледање, па дури и да ми се плати за тоа”, алудирајќи на тоа дека влезот беше слободен.

За крај, фудбалот се игра, пред сé, за навивачите. Динамо од Дрезден не може да се пофали со резултати, но неговите навивачи ги купиле сите 35000 влезници за еден натпревар, иако клубот бил казнет со играње пред празни трибини. Навивачите со платени влезници го одгледале својот клуб на видео бим пред стадион. А ние, за што да одиме на стадион?

Душко Темелкоски

Loading