Атанас Атанасоски, скулптор

“Орнаменти” е тематската изложба, инсталација од 177 памучни елементи во бела боја од скулпторот Атанас Атанасоски, отворена во Скопје. Уметникот вели дека орнаментиката е постојано ликовно осмислување во долг историски и цивилизациски процес. Едни геометриски мотиви, интерпретирани во повеќе варијанти, се манифестираат преку неколку сегменти на материјалната култура: камената пластика, керамиката, орнаменталните илуминации аплицирани во црковните ракописи, фреско-живописот, копаничарството… Овие предмети претставуваат погоден медиум да се искажат најсуштествените идеи врзани за креативниот потенцијал на една култура. Орнаментиката и денес ги рефлектира сознајните естетски вредности, инкорпорирани во дизајнирањето на голем број индустриски производи – вели скулпторот.
Идејата за изложбата дошла по истражувањата на орнаменталните мотиви во спомениците на фреско-живописот од византискиот и поствизантискиот период.
– Орнаментот во најголема мера ги користи линијата, формата и ритамот како ликовни елементи за изразување. Компонентите од прави и прекршени линии и развиеното чуството за симетрија, како и ритмичното мултиплицирање ја обезбедуваат најголемата визуелна игра наречена орнаментика (шара, украс). Ритмичните повторувања прават силно нагласена динамика, која зависи од распоредот на мотивите, бојата, формите, движењето и рамнотежата на композицијата. Фокусиран сум на мотивите со геометриска моделација, односно на ликовниот елемент како суштествен сегмент од орнаментиката. Творбите се во тесна корелација со орнаментите во фреско-живописот, но и во другите гранки од уметничките занаети. Орнаменталните елементи имаат квадратна форма со дијагонална моделација од памучен филц. Со компонирање на памучните квадратни сегменти во ист правец се формираат орнаментални мотиви во кои линиите продолжуваат да течат – објаснува Атанасоски, кој изложувал во Талин, Естонија, во Будимпешта, Скопје, Прилеп и во други европски земји.
![]()

