Немало свадбени подароци и стокмил фирма

Оскар голд

Малопродажба и големо продажба на вазни, сервиси, есцајг, огледала, рамки за слики…

“Другарите почнаа да се женат, а немав од каде да купам подарок за на свадба. Изборот беше мал, без специјализирана продавница. Така никна идејата да отворам продавница со понуда на свадбени подароци и слични стоки, бидејќи бев дипломиран и бев без работа. Фирмата, крстена Оскар голд, прерасна и во големопродажба. Успешната приказна веќе трае 18 години”. Вака се сеќава на формирањето на фирмата сопственикот Ѕвонко Тренкоски. И денес успешно се “носи” со конкуренцијата во дуќанот во Старата чаршија. Уште подобро котира во големпродажбата со подароци. Препознатлив е не само во градов, туку и во земјава. Мали трговци од надвор набавуваат стока во своите дуќани и ги полнат рафтовите со ваков тип на стока. На почетокот ја вртев  земјава со ,,фиќо,,. Испитував, се распрашував, разгледував каде има и под кои услови и што може да се набави за свадби или други подароци. Бендисав нешто и отворив дукан со мала кирија без да се ризикува, поевтино со мали трошоци во просторот на сегашниот ресторан Деспина. Отворањето беше помпезно  да се разбере што е и како е – кажува Тренкоски. Работата постепено тргнала, бидеќи се нудела оригинална стока која ја немало кај другите. Продажбата одеше добро со движење и потрага по нова и уникатна понуда. Дојде преселба во ,,ачик,, дуќан кај бањата, па втор дуќан во бизнис центарот, бидеќи веќе завлегов во бизнисот. Ги запознавав луѓето, а тие стекнаа доверба. Со поголема храброст се “врзав” со пријател од Бугарија, кој живееше во Прилеп. Со него ги испитав сите производители на порцелан и стакло во Бугарија. Направивме и фирма. Набавував од фабриките, од прва рака, како за домашниот пазар. Се оствари соработка со Грци со кои негувам односи веќе десет години, и ден – денес. Па со турски бизнисмени… Соработувам и со чешки компании, каде се најдуваат чаши, порецелан… Дури доаѓаше месинг од Индија. За Кина да не зборуваме, бев петпати во набавки – кажува Тренкоски за текот на бизнис кариерата. Веќе десет години фирмата е наредена меѓу големопродавачите. Трговијата на големо е носечка активност, а муштериите најмногу бараат добра цена. Се бараат вазни, сервиси, есцајг, огледала, рамки за слики, слики, фото албуми, кутии за накит… Сé што може да биде за подарок, во зависност од периодот. Главно стоките се увезуваат. Но последниве години попривлечна е Грција, отколку Кина. Продажбата во дуќанот, на мало, оди потешко, оти се чувствува кризата, покрај контактите со цела Македонија – вели Тренкоски, кој е оптимист и не е скептик за перспективата на овој бизнис.

Нов објект

Заштитното друштво Оскар голд со десет вработени ќе се сели од просторот под здравствената устанува Оскар медикал. Ќе гради нов објект на излезот од градот, на патот за Скопје. На 1750 квадрати простор ќе се крева деловен објект на два ката со основа од 750 квадрати, од кои едниот дел ке биде продажно изложбен салон со канцеларии, а другиот магацини за големопродажбата.

Loading