Без фискултурна сала, учениците од ОУ “Кире Гаврилоски” жнеат успеси во три спорта. Во одбојка, ракомет и кошарка постојано се на пиедесталот на општинските и на регионалните натпревари, организирани од Сојузот за училишните спортови. Континуитетот се должи на волјата и љубовта кон спортот, присутна кај учениците од петто до деветто одделение. Во импровизираната сала – училница, вежбаат техники и тактики кога е поладно, а во пролетно време тренираат во дворот. Наставникот Златко Спиркоски објаснува дека во пресрет им излегуваат основните и средните училишта со сали. Ја користат и салата “Партизан” да не дојде до застој во спортувањето. Интересно е што истите ученици што освојуваат награди во кошарка, го повторуваат успехот и во одбојка и ракомет. Изгледа не одлучиле за кој спорт најмногу ги бива и затоа играат со “отворени карти” на три “фронта”. По стасот и височината најмногу одговараат за овие три спорта, па затоа фудбалот не им е приоритет. Откако ја анулирале градската конкуренција, заминаа во Кавадарци да ги одмеруват силите на регионално ниво. Спиркоски и екипата сигурно нема да се вратат со празни раце.