Историја на срце, англиски на ум

Од секогаш се сметало дека учениците кои ја сакаат историјата се “бубалици” кои само паметат датуми и значајни места, без трошка свое гледиште на минатите настани. Мит-бастер е осмоодделенката Бисера Јованоска од ОУ “Климент Охридски”, која историјата ја гледа како жива материја за која е нужен критички осврт. На Бисера í лежи пишувањето на проза и поезија. Заедно со познавањето на историјата, била добитна комбинација за конкурсот од Сојузот на борци, каде освоила второ место меѓу 43 учесници. Темата била Февруарскиот поход и за него напишала прозно дело во кое освен “сувите” факти, внесла и свои гледишта на епопејата.

Се служела со материјали од интернет, а од голема помош í била наставничката Лилјана Здравеска.

– Мораме да ја знаеме историјата, оти наши дедовци и прадедовци, не го жалеле животот за слободата. Тие го победиле најголемото зло на 20 век – нацизмот. Барем за општа култура треба да се знае дека сме се бореле на праведната страна. Целта на февруарскиот поход била токму тоа, разгорување на биткатата за ослободување и ликвидација на фашистите – вели Јованоска.

Интересот за историја почнал од шесто одделение, ама кога стасало градивото за Втората Светска Војна, на Бисера и “светнале очите”, оти тој дел најмногу го цени и изучува. Чита многу историски книги, гледа документарци и “ги лови” грешките на холивудските режисери во воените филмови. Омилен филм и е Пад, каде се опишани последните денови на “коренот на нацизмот” – Адолф Хитлер. “Фирерот” í е најинтригантна личност од историјата. Вели дека ако човекот бил зол, не значи дека не треба да читаме за него и да не дозволиме такви како него да се појават пак. Посебно акцентираше дека македонскиот народ во голема мера помогнал за искоренување на фашизмот.

И слободното време í е “врзано” за историјата. Ги вежба на клавир класиците на музиката. Ја релаксираат Моцарт, а  осебно доживување í се вивалдиевите “Четири годишни времиња”.

Активен член е на КПД “Картуш”, а последната маршрута била истата што ја марширале партизаните во 44-та. Со Картушо и со татко и Диме ја “исшпартале” Македонија.

Сака да продолжи во Гимназија, и на Филолошки факултет  да стане професор по Англиски. Историјата ќе ја изучува факултативно, а и ќе наоѓа допирни точки со избраната професија.

Loading