Француска ,,треска,, ги тресе училиштата

Месецот март во глобални рамки е посветен на францускиот јазик и култура. Должни за почит се богатата цивилизациска придобивка и обележјата на Франција, заедно со “певливиот” јазик. Наставниците во неколку основни училишта го доближаа шансониерскиот и боемски начин на живот од Франција. Во ОУ “Климент Охридски”, наставничката Ленче Вренцоска издвоила тројца “мускетари”, за “претстава” на кратки и јасни пораки од книгата “Емил” на Жан Жак Русо. На одморите човек лесно можеше да “заспие” од шансоните на Шарл Азнавур и Селин Дион, ама имаше микс со модерен француски хип-хоп кој одржуваше баланс меѓу сонливоста и разиграноста. Главни беа седмоодделенците Александра Гагалеска, Теодора Тасевска и Александар Здравков. Александар беше тематски дотеран со буржоаска перика да изгледа како Жан Жак Русо, а девојките го преведеуваа тоа што “филозофот” го кажа. Убаво осмисленото сценарио и одличната изведба не остана без аплауз. Францускиот филозоф бил избран како годинешна тема по повод 300 години од неговото раѓање.

– Францускиот јазик е интересен и различен. Мелодичен јазик е и кажаното звучи како испеано – кажуваат седмоодделенците.

Иако граматиката е тешка и уште потешко е да се погледа некој француски филм или серија, секцијата со “наполеонска” упорност го дотерува јазикот. Бараат по интернет, читаат книги и ја учат француската историја. Велат дека Французите се добри луѓе кои се навикнати на уживање. Затоа го избрале овој јазик.

Секционерската “гарда” во ходникот имаше пано исполнето со слики од Франција, цртежи од Ајфеловата кула и песни на француски.

Наставничката Ирена Наумоска им беше на припомош на учениците од ОУ “Гоце Делчев” и “Блаже Конески”. “Гоцеделчевци”  сами беа ди-џеи и одбираа каква француска  музика ќе ечи на разгласот.

“Французинките” Ангела Зероска, Маја Стојаноска и Елена Георгиеска толку многу го сакаат јазикот, што, покрај тешката граматика, успеале да стигнат да се разберат со секој Французин. Ја сакаат Селин Дион и групата “ЗАЗ”, која ќе има концерт во Скопје каде сакаат да присуствуваат. Интересен им е јазикот, а и културата и историјата. Мечтаат да го видат “градот на светлината” со сета негова убавина.

Во ходникот на ОУ “Гоце Делчев” беа изложени одбрани дела што учениците ги направиле. За да разберат и останатите ученици се читале текстови за франкофонијата. Наставничката се пофали со трето место на ученикот Христијан Трчкоски од ОУ “Блаже Конески” на натпреварот за пишан состав на француски јазик.

Loading