Панаѓур од сопствени производи

Отворен ден за Осми март во СОУ “Ѓорче Петров”

Сите профили во СОУ “Ѓорче Петров” на 8-ми Март имаа штандови со производи кои научиле да ги прават во текот на наставата. Младинската организација водена од Виктор Трајкоски, Андреј Стефаноски и Филип Стојаноски објаснија дека идејата ја презеле од економското училиште кои прават панаѓур за Нова година. “Ѓорчепетровци” го експлоатирале 8-ми Март. Ходникот личеше небаре “мини – чаршија”. Професорите, родителите, учениците, но и заинтересирани гледаа и купуваа од продукцијата на вредните практиканти кои не штеделе ни време ни енергија за да ги изработат. Фризерите, шминкерите, текстилците и медицинарите ги продаваа своите лични креации на штандовите, а сретства ќе ги упатат за помош на Весна Боцеска, мајка на една од ученичките која има потреба од операција. Меѓу два фриза, Валентин Стојкоски кажа дека по ценовник ги дотерува сите заинтересирани. Ги користеле само техниките кои добро ги научиле и не експирементирале. Се пофали дека имале не малку клиенти, кои заминувале задоволни. Ангела Петреска беше “портпарол” на козметичарите кои шминкаа, маникираа, педикираа, масажираа, вршеа пилинг, па дури и “цртаа” времени тетоважи. Текстилката Наталија Стојкоска објасни дека ,,како Алва” летале кептарите и марамите кои сами ги изработиле. Фармацевтите и медицинарите веќе ги продале произодите, оти биле квалитетни. Александра Карческа изјави дека се потрошиле балсамите, салицилните масла и камфорната маст за реума веќе, а им останале само рачно изработените приврзоци и сликите нацртани од медицинските сестри, за кои исто така имаше интерес. Дрво-преработувачите ја изготвиле логистиката, односно клупите, столовите и огледалата на кои се продаваа производите. Директорот Дејан Димоски и “професорската свита” беа присутни, малку за инспекција, а повеќе да се подноват. Од младинската организација ветија дека нема да запрат , туку за секој поголем празник ќе го повторуваат настанот, оти имаат што да покажат и маркетиншки да се подготват за животот после образованието.

Loading