Прилепчани се мараклии на седенки со кафе и цигари кои можат да потраат и понеколку саати. Арно ама, на студов, со законот за забрана на пушење во затворени простории, им се зеде лезетот, кафето да го пијуцкаат со “задолжителниот додаток” – цигарата. Кај што има “маки”, има и илач. Не требаше многу време да му текне на некој итар бизнисмен да “истопорат” по еден кафемат на секои 100 метра. На подосетливите им “светнало” да постават и столица до него, раат да уживаат за багателна цена, додуша и со малку “ѕенѕање” од студ. Башка, ама околу “демнат” електрични кабли кои недај Боже можат да му го направат кафето “екстра силно” на чаламџијата. Без разлика на опасноста, кафето се пие и се “трга” цигарата во центарот на чаршијата. Тоа е најважно за пушачите.