Одамнешна новинарка (не велиме стара). На една телевизија слушаме нејзин извештај. Во еден момент таа не известува дека ќе се предизвикала ЛАНЧАНА реакција. Ете, новинарката одамнешна, ама уште не научила дека зборот ЛАНЕЦ го нема во нашиот јазик, а пак придавката ЛАНЧАН (а) – никако. Тоа е кај нас ВЕРИЖНА реакција.
И, се редат грешки. Како при “ЛАНЧАНА” реакција. Од одамнешната новинарка сме слушале повеќе грешки. Таа честопати употребува конструкција – “МАЛИТЕ и СРЕДНИ претпријатија”. Како да е тоа едно исто. Но, пред некој ден на една телевизија слушнавме една слична грешка (за малку ќе речевме глупост). Не информира новинарката дека МАКЕДОНСКАТА и КОСОВСКА влада го осудиле инцидентот со палењето на знамето. Од ова произлегува дека македонската влада е и косовска, дека е тоа иста влада. Пред малку се воздржавме, но сега не можеме. Тоа е ноторна глупост.
Слушнавме на телевизија и за тоа дека комуналното претпријатие од Прилеп набавило канти за отпадоци. Новинарката ни објасни дека ЗЕЛЕНИТЕ и ЖОЛТИ канти ќе бидат распределени на домаќинствата. За малку ќе помислевме дека домаќинствата ќе добиваат по една канта која е ЗЕЛЕНА и ЖОЛТА. А станува збор за два вида канти. Едните се зелени, другите жолти. Секоја со посебна намена. Затоа треба да се рече дека ќе бидат распределени ЗЕЛЕНИТЕ и ЖОЛТИТЕ канти, а не ЗЕЛЕНИТЕ и ЖОЛТИ. Ама ете, не се само кантите зелени. Се случуваат кај нашите новинари и други “зелени” работи.
Се емитува некој бугарски филм на телевизија Канал Пет. Слушаме една реплика што ја изговара еден актер: “Не искам да те ОБИДА”. Тоа значи – “Не сакам да те НАВРЕДАМ. Нашиов преведувач го превел тоа: “е сакам да те УБЕДАМ” Браво! Одличен превод!
Погоре напишавме -ТЕЛЕВИЗИЈА КАНАЛ ПЕТ. Како што треба. Но, тие се нарекуваат – КАНАЛ ПЕТ ТЕЛЕВИЗИЈА, како СИТЕЛ ТЕЛЕВИЗИЈА, како ТЕРА ТЕЛЕВИЗИЈА. Наопаку!
Слушнавме на прилепската телевизија дека ќе се основало прво интернет радио. Дека тоа ќе го сторел Младинскиот совет. Се појавува младо момче. Зборува за новото радио. Момчето радосно, со огромен ентузијазам, едноставно, не принудува да му се придружиме во радоста. Зборува така тоа, објаснува повеќе работи и меѓу другото, кажува како ќе се викало новото радио. Вели дека тоа ќе се вика – ПУЛС РАДИО. Додека се израдувавме, стигна разочарувањето. ПУЛС РАДИО! Како КАНАЛ ПЕТ ТЕЛЕВИЗИЈА! Како СИТЕЛ ТЕЛЕВИЗИЈА! А зошто не, РАДИО ПУЛС?! Како што е нормално?!
Во последно време читаме и слушаме реклама на некоја производствена фирма – ФОРМА НОВА. НОВА ФОРМА е просто и обично. Ама, ФОРМА НОВА?! Е, тоа е веќе нешто!
Што е тоа што ги тера нашиве млади луѓе да ги изопачуваат конструкциите во речениците, во имињата, па и во презимињата?! Каква е таа невидлива сила што ги тера да се оддалечуваат од своето? Да се оддалечуваат од себе, од она што е нивно, од она што е нивна карактеристика. Што е тоа што ги тера нашиве луѓе да пишуваат латиница, да ги крштаваат своите деца по “урнекот” на некои туѓи народи?! Зошто се делиме од себе си?! Зошто го отфрламе она што е наше?! Зар треба да се срамиме од своето, од она што сме?! Зошто се одродуваме??? Зошто прифаќаме се што е туѓо???
И еве, за крај. Слушнавме на Телевизија Сител (не СИТЕЛ ТЕЛЕВИЗИЈА) дека ќе зафатела огромна СОЛАРНА ОЛУЈА. Соларна ОЛУЈА! Зар не е доволен нашиот збор – БУРА?! Може да биде и ВИУЛИЦА и ВИОР и СИЛЕН ВЕТЕР и ЛУЊА и МЕЌАВА!
Но, којзнае каде ќе не одвеат ВЕТРИШТАТА, ЛУЊИТЕ, ако продолжиме вака. Ако се оддалечуваме од себе и прифаќаме се што е туѓо.
Благоја Ивчески