Зорица Спиркоска
Зорица Спиркоска (21), државна репрезентативка од КК Ронин е позната во јавноста со успеси, медали од домашни и странски натпреварувања и – победи. Малкумина знаат за нејзината најголема победа над тешката болест, со која се соочуваше минатите година – две. Во најтешкото не прекина со тренинзи и учества. Не се откажа од лекот со име – карате. По откривањето тумор на лимфните жлезди, следеше операција во Скопје, по која препорачаа како за сите и за мене хемотерапија. Тоа се фактички отрови кои го трујат организмот, по цела недела повраќаш, не можеш да јадеш. Издржав шест месеци, со сите активности прекинати – раскажува Спиркоска. Каратистката навикната на исполнети, активни денови, само првиот ден била в постела. Сама не се смета, не се третира за болна. Веднаш се враќа меѓу здравите. Слушала често за мудроста од древна Јапонија, земја позната по карате и слични боречки вештини. Вели дека вода што тече не се загадува. Околу 90 отсто од човекот е вода. Спасот за секого е активноста. Секој ден е борба со нов почеток, со потцртан план. Нема престанување. Секое повлекување доведува до депресија. Колку е убаво чувството да направиш нешто. И реализиран тренинг е задоволство, успех. Волјата за живот продолжува. Цело време околу нас порачуваа прекин. И лекарите бараа одмор, оти и каратето истоштува, како секој спорт. Велеа, излекувај се, имаш време за карате. А, можеби ќе минат години. Не прекинав, со поткрепа на докторот патолог во Скопје, Борче Георгиевски. Сé што правев претходно, продолжив. Бев опкружена од позитивна енергија на другарките, а тренерите Бети и Златко Димоски ми се втори родители. Си реков да пропуштам квалификации, после колку ќе чекам? Решив кариерата, животот да тече – истакнува Спиркоска. Најновите контроли констатираат целосно заздравување. Како претходно, така и на наредните првенства на пиедестал едно место е резервирано за спортскиот и животен јунак, Зорица Спиркоска.
Денеска на Балканско
Спиркоска со репрезентацијата на Македонија денеска е во Херцег Нови, Црна Гора, на Балканско првенство. КК Ронин учествува со 22 категории, а застапени се и други прилепски клубови. КК Лукас има 12 шанси за медал, КК Спорт 94 е со 10, а Бонсаи пет.