Рубин Белчески, историчар
Автори на песната која ја пеат и навивачите се Крсте Црвенкоски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка
Два месеца пред создавањето на химната на Република Македонија “Денес над Македонија” од Владо Малески и првата изведба во Струга пред 70 години, на преминот од 1941 кон 1942 година, напишана е “А бре, Македонче”, химната на партизанското движење во Македонија, песна која во литературата и музичкото творештво се среќава како народна патриотска песна. Ова го открива историчарот Рубин Белчески. Истражувајќи, дошол до сознанија дека песната е создадена од прилепчани.
– Борците, хроничарите за НОБ, Коце Солунски и Љубен Георгиески – Љупта, во искажувањата за формирањето на првиот прилепски партизански одред и неговото делување, без некои попрецизни информации, кажуваат за создавањето на песната. Формирањето на Првиот прилепски партизански одред “Гоце Делчев” се случило на 23 октомври 1941 година во месноста “Дуова Вода” кај манастирот кај селото Степанци. Тројца борци од одредот добиле “партиска задача” да создадат песна, која ќе биде химна на одредот. Песната требало да биде певлива, со богатство хармонија, со маршевски елементи, која ќе одѕвонува во ушите. Таа требало да влијае на подигнување на борбениот морал на борците. Едновремено, и да го поттикнува населението за вклучување во отпорот, во партизанското движење. Задачата им била доверена на Крсте Црвенкоски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка. Секој имал свои афинитети, како кон пишаниот збор и литературата, така и кон музичкото творештво. Крсте Црвенкоски, како политички поизграден, оти бил и политички комесар на одредот, ја насочувал песната да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во борбата. Коле Чашуле, со своето неповторливо надарено писателско перо, дал придонес во создавањето на песната. Ордан Михајлоски – Оцка, како талентиран и образован музичар, кој свирел на виолина, наедно и љубител на литературата, учествувал и во создавањето на стиховите, но особено, бил задолжен за композицијата на музиката на песната – посочува Белчески.
Денес, кога Република Македонија се соочува со проблемот за влез во НАТО алијансата и ЕУ интеграциите, поради своето вековно име, песната уште повеќе добива на значење, ако се знае дека е создадена пред 70 години, а зборува како и денес дека “македонско име нема да загине”.
“А бре, Македонче” била создадена во периодот од 23 октомври до 8 ноември 1941 година. Се смета дека доживеала прва промоција во село Царевиќ на првиот митинг во поробена Македонија.
Во 70 годишното постоење, песната претрпела мали корекции на стиховите, но не изгубила од значењето и целта. А стиховите станале препознатливи не само во прилепско, туку и низ цела Македонија.
Песната, посочува Белчески, била химна, прифатена не само на прилепскиот партизански одред, туку и на сите партизански одреди и на целото партизанско антифашистичко движење во Македонија.
– По ослободувањето често се изведувала по разни поводи и одбележувања. Во форма на музика за филм се пее во првиот македонски филм “Фросина” во 1952 година, по сценарио на Владо Малески, а во режија на Војислав Нановиќ. Музиката во филмот му е доверена на композиторот Трајко Прокопиев, кој бил диригент на Оркестарот на државната Македонска филхармонија. Се пее и во македонскиот филм “До победата и по неа” од 1966 година, на режисерот Жика Митровиќ. Музиката во филмот е на хрватскиот композитор и диригент Миљенко Прохаска. Била присутна и во други македонски филмови и телевизиски серии со борбена тематика. Во дует ја снимиле македонските незаменливи музички интерпретатори на народни песни Никола Бадев и Александар Сариевски. Ансамблот за народни песни и ора “Танец”, односно неговата мешана група и народниот оркестар ја ставиле на ЛП во 1973 година во издание на РТБ. Песната е преработувана и интерпретирана во инструментална форма од виртуозот на гитара Влатко Стефановски и групата “Леб и сол”. Дел е од албумот “Звучни ѕид” од 1986 година. Објавена е и во албумот ,,Ливе ин Мацедониа,, од 2006. И Гарабет Тавитијан со новата “Парамециум” ја обработиле во инструменталка. Дури станала насловна на албумот “А бре Македонче” од 2001 година, а во 2005 година е застапена во албумот ,,Тхе бест оф,,. Песната, често се пее и од навивачките групи на спортските натпревари – раскажува Белчески
Како кустос во Меморијалниот Музеј ,,11ти Октомври 1941”, Белчески често ги задржува посетителите, особено учениците, на паното каде што се наоѓа песната.
– Учениците не се доволно информирани. Ги поттикнуваме младите да го запознаваат нашето минато. Со навидум обична песна, кај учениците развиваме љубов кон музиката, литературата, поезијата, филмот, историјата, го зајакнуваме духот и ги развиваме и патриотските чувства кај младите – потенцира историчарот Белчески
Рамка:
Првата верзија на ,, А бре, Македонче,,
1 2
А бре, Македонче, Бој за слобода,
каде се спремаш ? за Македонија,
Бојот те чека, за Македонија,
бој за слобода. земја поробена.
3 4
Мажи накитени, Нека разберат
жени наредени, денешните тирани,
в борба ми одат, Македонско име
борба за слобода. нема да загине!