Лезор
Вештина на обликување на железото во соодветни димензии според инструкциите на инженерите
Занаетот за оформување на различни профили на бетонско железо, арматури, научен од чичкото Благоја, на 37 годишниот Зоран Димоски “му ги отвори очите” и го предизвика од државна сигурна плата во Тутунскиот комбинат да замине пред пет години во приватниот сектор и да ја формира сопствената фирма Лезор. Младиот Димоски не се жали што безбедната егзистенција, храбро ја заменил со приватниот бизнис каде сам го вади лебот и ја обезбедува фамилијата. Вешт е во обликувањето на железото во соодветни димензии според инструкциите на инженерите. Умешен е и за монтажата на градилиштата. Со сопствени сили создал и мал погон на излезот од Варош, на патот кон Македонски Брод. Го “накитил” со неколку современи машини за брзо виткање на железото што се става во бетонските плочи во носачите, во темелите, во столбовите на градбите. Сопственикот ги открил тајните на занаетот од 1985 година. Чичко му Благоја, со прекарот Аскеро, кој бил армирач, го “крастосал” или подобро, му дал знаење на трудољубивото момче, а за запливувањето во приватните води “виновен” е сопственикот на фирмата Изофас. Иако работев во Тутунскиот комбинат, после работното време бев армирач или монтажер на градежно железо. Не стигнував да одговорам на двете места. По препорака на Митко Иваноски, ја отворив фирмата и сега работат дури 27 луѓе. Зимава не се работи, а од пролетва не ќе можеме глава да кренеме и здив да земеме, најмалку до в зима. Помалите зафати на куќи малку ги преземам, оти нема време. Имаме обврски за железото и монтажата на катната гаража, потоа за градбата на хотел во Охрид и за уште еден голем објект за трговски центар во Битола. Во меѓувреме, нешто поситно, колку што може да стигнеме, преземаме работа на некоја куќа – објаснува Димоски. Вели дека бизнисот добро му оди. Потврда за тоа се неколкуте современи машини кои и веќе му се кусок. За модернизирање, разгледувам пиштоли за монатажата, за автоматско врзување на железото, наместо досегашното врзување со рака и со обична жица и клешта. Размислувам, оти скапа е жицата за врзување што ја користи пиштолот. Ќе видиме што ќе излезе од тоа. Кусок можеби сум и со уште една машина за виткање со наглата побарувачка на армирано железо. Не мислам да вложувам во други дејности што не ги познавам, зашто стојам на становиште дека максимумот се дава онаму каде што човек ги знае марифетите – вели Димоски. Инаку, фирмата Лезор е кратенка од дел од имињата на децата и сопругата на сопственикот Зоран Димоски.
![]()

