Градските власти распишаа тендер за набавка на туристички воз кој ќе движи низ сите културно – историски споменици и знаменитости. Градоначалникот Марјан Ристески обелодени дека, со превозното средство што ќе се движи на струја, а не на фосилни горива, ќе се даде уште еден импулс на промоцијата на богатото културно наследство. Градот со богата историја ќе стане попривлечен за туристите кои случајно или намерно отседнале. Раскошот природни, културни и други богатства се непознати, а треба да им се покажат на туристите, особено на странците. Тие не можат во еден здив да шетаат од еден до друг дел, од споменик до споменик и да губат време во пат, а не во разгледувањето на историското наследство. Затоа ќе се воспостави туристички воз кој ќе врви до знаменитостите. Стручнаците ќе ги одредат привлечните релации, а понатаму веројатно ќе се ангажира и водич. Возот нема да го користат само туристите, туку и прилепчани. Со необичното превозно средство ќе се влијае на развојот на туризмот – вели Ристески. Во градот веќе три години функционира информативно биро со бесплатен пропаганден материјал и туристичката мапа на историските споменици. Можат да купат и локални сувенири, препознатливи за прилепското поднебје.