Ракомет: Претпоследно коло од Регионална
Некогаш женската екипа на Тутунски комбинат победуваше двапати со Раднички Обреновац, а сега Жито Прилеп игра со најпознатиот Раднички, четирикратен европски првак од Белград. В недела е гостувањето во салата на “Бањица” и шансата за четврта победа во Регионалната лига. Есеноска беше 31-22 во арена “Сонце”. Нема потценување. Одиме со сите сили. Бодовите не доаѓаат сами, треба вложување максимум. Атмосферата е добра, голема е желбата за триумф – вели Методија Петлески, тренерот на Жито Прилеп. Расположението е на ниво по победата дома со аутсајдерот Бисери од 28-20 (15-13), преку 11 гола на Павичевиќ, шест на Штериова, пет од Стојановиќ, три на Матановиќ, по еден од Цветановска, Аџулеска и Серафимовска. На располагање се уште Мркиќ, Здравевска, Цаневска, Иломаноска и голманките Наумоска, Јаломитеану, Дурланова. Бараме брза игра, работа со нозе, паметно решение. Пробаме повеќе варијанти. Солидно се покажа Аџулеска в средина, Цветановска десен бек, Стојановиќ десно крило. Инсистираме на поголема соработка. Сé е вежбано на тренинзи, ни треба примена на натпревари – истакнува Петлески. На табелата Жито Прилеп е петти со шест бода, под Будуќност со 20 максимални, Јагодина 16, Заечар 14, Металург 10, а најдолу се Раднички со два и без бодови е Бисери.