ЕВРОПОД
Зоран Николоски (45) е млад, енергичен човек кој сето свое знаење, стручност и искуство го втемелил во работењето на сопствената фирма “Европод”. Решил да ја насочи упорноста во приватниот бизнис, не штедејќи се ни најмалку, а инвестирајќи постојано уште повеќе. Неговата квалификација, дрвообработувачки техничар и љубовта кон уредувањето на просторот, го натерала да започне сопствен бизнис. Тимот на неговата компанија кој го предводи, врши трговија и монтажа на ламинати и паркети, поставување на керамички плочки, производство на мебел, внатрешно уредување на домот, од подови до спуштени тавани, гипс картон, хидроизолација, термичка и звучна изолација. Фирмата постои 13 години, а стартувал со кредит. Пред четири години производствениот капацитет од град, го преместил во селото Ропотово, поради ефтината локација. Го искористил едноиполгодишното искуство во Австралија каде работел со гипскартон, кујни, поставување на синтелони, итисони. Сега во завршна фаза е подготовката на изложбениот салон на улицата која води кон селата Лажани и Житоше. Во “Европод” има отворен конкурс за примање на дрвни техничари, столари,… Тешко се наоѓаат работници. Во можност сум веднаш да примам 5 квалификувани кои би работеле три смени. Работа има, а нема работници. Бараат да бидат платени, без ништо да не работат. Жалам што младите бегаат од стручните училишта. Бегаат од прашина, од физичка работа. Сакаат да бидат административци – вели Зоран Николоски, сопственик на “Европод”. Произведуваат комплет кујни, дрвени внатрешни скали, комплет спални – лежај, гардероби, тоалетни масички, огледала. Соработува со фирмата “Иверпласт”. Нудат квалитетна изработка и избран материјал – медијапан, дрво, иверица. Го постигнува со професионалните машини. Располагаат и со машини за боење медијапан со висок сјај. Ги зедов машините од ДИОС – Струмица, поранешна Треска. Имам и преса, еж преса, абрихтер, дихт, дебларка, комбинирка, цафт машина, компресори за шприцање. Комплетно сум опремен и немам тесно технолошко грло – вели Николоски. Работилницата му е на површина од 200 м2, а продажниот салон е 140 м2. Планира наскоро да ја заврши инвестицијата со изложбениот продажен салон.