“Змејовата невеста” е првата претстава што ја подготвува ансамблот на театарот годинава со поддршка на Министерството за култура. Претставата е по текст на Димитар Молеров, а ќе ја режира Нела Витошевиќ. Драмата се бави со универзални и современи проблеми, а нејзината структура е отворена и интересна. Молеров е еден од генерацијата основоположници на македонската драма и театар, писател кој е крајно уникатна личност и автор од крајот на19 и и почетокот на 20 век. “Змејовата невеста” е текст со богата драмска содржина. Жанровски е одреден како идилична оперета, во која авторот умешно ги искористил народните песни и умешно жонглирал со дијалозите во стихови да ја создаде оваа драмска опера во која ја обработува темата на забранетата љубов, помеѓу 18 годишната девојка Милка и Змејот во кој таа се заљубува. Текстот е богат со галерија на добро формирани карактери и со разни симболи, ритуали и обичаи кои отвараат фантастични архетипски слики. Режисерот Витошевиќ има режирано повеќе претстави, меѓу кои “Брод за кукли”, “Читашки перверзии”, “Вејка на ветерот”, “Сирма”, а како асистент на режија била дел од повеќе играни филмови. Првпат соработува со прилепскиот театар. Ќе играат младите актери, а премиерата се очекува кон крајот на април.