Додека Прилеп беше во мартовско снежно руво, “пламен гореше” во сите ресторани за празникот Осми Март. Жените, мајки, сестри, баби, го славеа својот ден во традиционален стил. Качени на високи потпетици, со мини здолништа и длабоки деколтиња, дотерани со раскошни фризури и мејкапи, намирисани со скапи парфеми, пееја песни на свирките во угостителките објекти. Се завија македонско оро, се заскока на “шеската” и се кренаа нозете на “сиртаки”. Дури танцуваа “танго”. Во еуфоричната клима, паднаа и чочеци, се качија дури и на масите со дајрето в раце. И чалгаџиите славеа, накитени не само со бакнежи, туку и со многу пари на саксафоните, хармониките… Не се стеснуваа на орото едни до други, и административките и конфекционерките, и судијките и новинарките, и полицајките и лекарките… Сите со кренати раце во осмомартовски транс. А градоначалникот Марјан Ристески, во манир на вистински џентлмен, приреди прием за припадничките од понежниот пол од женските здруженија за Денот на жената – 8-ми Март. Приликата се искористи да се иницираат идеи за зафати на женските асоцијации, кои би биле во насока не само за помасовно вклучување на жените во сите институции, туку и во негување на културните вредности. Ристески покажа разбирање за проектите на женските невладини организации и оцени дека секоја идеја е добредојдена. Таткото на градот се гордее што Прилеп има успешни и креативни жени во сите домени. Тој ја искористи можноста на сите сограѓанки да им го честита празникот на жените – 8- ми Март.