Прилеп заслужува прволигаш

Фудбал: В недела Ренова – 11 Октомври

Даваме сĕ од себе за опстанок – вели тренерот Илиоски

Екипата на 11 Октомври е пред предизвикот – пролетниот дел од првенството се бори за опстанокот во елитата. Тоа е желба и на  навивачите. На секој чекор потенцираат дека најфудбалскиот град заслужува и в година да има прволигаш. Владее оптимизам, кој се заснова на успешните подготовки. Најсериозно, професионално работевме безмалку два месеца. На осумте пријателски се воигруваше тимот, ја баравме најдобрата постава. Добро сме подготвени за пролетниот старт и со жар влегуваме во битка за опстанок – вели Трајче Илиоски, тренер на 11 Октомври. В недела е гостувањето кај шестата Ренова во Тетово. Ако силно се сака извлекување од последното место, нема дилеми дека прилепскиот тим ќе победи под Шара. Ренова ги зеде бодовите есеноска по прекинатиот меч. На ред е враќање со иста мерка. Новиот шпиц, Ардијан Нухију од Шкендија смета дека шансите се реални. Како што тие победиле тука, така и ние таму. Во Тетово нема многу публика и притисок од трибини за Ренова. Подобриот ќе победи, а тоа ќе биде 11 Октомври – рече Нухију. Составот се дотерува, бидејќи конкурираат 26 првотимци. Нови, покрај Нухију, се бекот Ѓорески и за врска Јовановиќ, а опоравени повратниците Ацески и Мегленски. Заминаа бранителот Данилов, бекот  Рутевски во Новаци и напаѓачот Марковски во Пелистер.

Три тест победи

Последниот тест на 11 Октомври беше во Дојран, каде е совладан српскиот лигаш Дубочица од Лесковац со 2-0. Претходно победени беа Охрид Лоте (2-0) и Влазними (7-1), реми завршија дуелите со Миравци (2-2) и Приштина (1-1). Порази се доживеани од Металург (1-3), Младост Лучани (2-4) и од Гостивар (1-2).

Залет на Бизнис лигата

Продолжи градската Бизнис лига во мал фудбал. Економски факултет загуби двапати, од Агроинвест 3-4, од Златна рака Проспект 3-10, а Основен суд – Сидро 1-6. Сидро на вториот настап е поразен од Горан паркетар Електроелемент 4-8. Денеска, утре и в недела се нови мечеви во салите “Македонија” и “Сонце”. На табелата води З. Р. Проспект со 12, пред Горан П. Е. со девет бода.

Loading