На времето (Југославија) кога патуваа луѓето кон Белград и подалеку, обично, правеа почивка во мотелот кај Предејане. Тоа е некаде пред Ниш. Кружеше тогаш една анегдота за тоа место. Во мотелот поставен телевизор и на него инсталирани бришачи. Прашал некој патник зошто е тоа така! Келнерот му одговорил дека ќе може да види вечер кога ќе почнат вестите. Тогаш имаше само една телевизија, само една телевизиска програма. Ретко имаше некаква критика. Се употребуваа само пофални зборови и за политиката и за економијата и за културата и воопшто, се беше “убаво”. Кога ќе слушнеле гледачите, на пример, дека производството сме го зголемиле за 30 отсто, почнуваат да плукаат во телевизорот: “Пу, не ви е срам, пак лажете”. И така, лагите се редат а луѓето плукаат. Бришачите бришат.
Зошто овој вовед? Гледавме некоја драма, на нашиот Национален сервис. Се однесуваше за Марко Цепенков. Имал тој проблеми со навите. (нави се лоши женски суштества кои ги убиваат родилките и бебињата). Му се јавуваат такви привиденија на Марко. Луѓето мислат дека е болен. Татко му, за кого се знае дека се занимаваше со “еќимлак”, му нуди еден лек. Му го објаснува составот на лекот и му кажува дека меѓу другото, лекот содржи и опашка од шишмиш. Веднаш ни се присака она што го правеле патниците во Предејане, но телевизорот немаше бришачи и се откажавме од намерата. Каде ли го најдоа зборот шишмиш?! (тоа е лилјак а во Прилеп го викаат уште и лилкапа). Шишмиш и тоа во текст за Цепенков!
Дедо Марко, ние успеавме да се воздржиме и да не плукнеме во телевизорот. Не знаеме дали ќе успееш ти да не се превртиш во гробот! Прости им, не знаат што прават.
Кога почнавме со анегдоти, ќе приведеме уште една. Всушност, ова не беше анегдота, ова беше вистински настан. Се однесува на покојниот Никола Солдатов, според нас, најдобриот наш спортски коментатор. Играше југословенската фудбалска репрезентација (тогаш наша). Судијата постојано навива за противникот. Се нервираме ние, се нервира и Солдатов. При една таква грешка на судијата, Солдатов извикува: “Драги гледачи, барем вие направете го тоа, што не можам јас од ова место” (не смеел да пцуе)!
И ние, вака преку весник, не смееме да ги излеваме докрај нашите емоции за безбројните грешки што ги слушаме на нашите мали екрани. Грешкиве што ќе ги приведеме се препознатливи за сите. Замислете, на македонска телевизија се употребуваат следниве изрази: гранични прелази, плава коса, тако далје, у будуќе, бушење за нафта, искачање и уште многу други. Ова, само за две вечери а на иста телевизија. Гранични прелази?! Новинар кој често се фали со своето долгогодишно новинарско искуство, не научил дека на македонски не е прелаз, туку премин. Бушењето е дупчење, искачањето е излегување! За тако далје и у будуќе – немаме коментар. Дури и срамота е да коментираме за такво нешто.
Искусна актерка, која често се башари на телевизијата објаснува нешто за некоја жена која имала плава коса. Уште не и стана јасно дека треба руса, а не плава.
Ако некој не се стеснува, не се срами да направи или да рече нешто што не треба нашиве новинари велат дека тој не се либи.
Има една редовна грешка. Ја прават мнозина. Но, кога ќе ја направи министер за образование, грешката станува поголема. Зборува министерот за состојбата во образованието и за некои нови одредби за подобрување на таквата ситуација. Тој вели: “Состојбата, пропратена со овие мерки “…”. Многупати сме пишувале за оваа грешка, а таа безбројпати се повторува. Српскиот глагол прати кај нас има сосема поинакво значење – прати писмо, прати порака и така натаму. Српскиот глагол прати се преведува со следи или придружува. На пример – Полицијата следи, а оркестарот придружива.
Не можат да се следат (не да се пратат) сите грешки со кои сме бомбардирани постојано од телевизиите. Дури и не можеме да слушнеме што зборуваат новинарите, зашто мораме да бележиме како зборуваат. А зборуваат лошо, мошне лошо. И не само тие. Слушајте го македонскиот превод на сериските филмови. Страшно! Уф, застрашувачко!
Не знаеме веќе кому да ги упатиме нашите апели за подобрување на состојбата во јазикот.
А вие драги читатели, слободно послушајте го советот на Никола Солдатов. Ние од овде не можеме и не смееме.
Благоја Ивчески