Пред новата сезона
Расте интересот за тутунопроизводство поради повисоките цени
Во финишот на откупната кампања на тутунот и со растот на температурите, тутунарите кројат планови за годинешната производствена сезона. Покрај подготовките со најлон за леите за расад, набавката на семенски материјал, од 1 февруари до 31 март течи евидентирањето на производството преку таканаречените бели картони во ПЕ на Министерството за земјоделие. Оттаму соопштуваат дека околу илјада производители веќе ја завршиле обврската за евиденција и ги пријавиле очекуваните количества тутун од површините. Се очекуваат да го пријават производството уште најмалку 14 илјади тутунари од Прилеп и соседните општини Кривогаштани и Долнени. Затоа апелираат навреме да се обезбеди имотен лист за нивата или договор заверен на нотар за тутунарите кои ќе одгледуваат тутун на ниви под кирија и да не се изложуваат на малтретирања и чекања последните денови од крајниот рок. Белиот картон претставува виза за склучување на договор со едно од седум-осумте откупни фирми. Од подрачната единица проценуваат дека годинава ќе порасне бројот на тутунарите, но и површините под тутун, со оглед на поволните лански цени на родот. И стручнаците очекуваат раст на површините и продукцијата. Причина е зголемената цена на тутунот лани која во просек дојде до околу 170 денари од килограм. Заедно со субвенциите од по едно евро, кои државата ќе почне да ги исплатува на крајот од април и почетокот на мај, ланската берба излезе исплатлива и подобра од реколтата од 2010 година, кога цените беа депресирани, а тутунарските надежи изневерени. Тутунот пак станува атрактивна култура, зашто е единствена со однапред познат купувач и по утврдени цени. Додуша растат давачките, особено со покачувањето на цените на нафтата и на репроматеријалите, сепак примамува профитабилноста со ревидирањето на квалитетите и доведувањето на проценката на родот во три класи. Тутунарите пак се загреаја и тријат раце со повисоките цени. Се ангажираат да ги зголемат површините. Се токмат да се вратат на “занаетот” и оние кои се откажаа поради ниските цени во 2010 година. Упорните есапат колку да ги зголемат површините. Прават сметка колку да вложат и колку ќе спечалат. Преовладува мислењето дека тутунот е профитабилен и вреди маката во одгледувањето на поголеми површини. Паралелно има консултации со стручнаците за мерките за поефтинување на производството и раст на приносите по единица површина – вели експерт од Институтот за тутун. Од тутунското здружение го потврдуваат “залетот”. За тоа сведочат повеќето заинтересирани тутунари кои се распрашуваат за цените. Претседателот на Здружението Данчо Милески не се откажува од намерата да се зголемат цената на третата класа од 110 на 145 денари, а на втората од 140 на 175 денари. Првата да остане на 210 денари од килограм. Растат трошоците, а тутунот не поскапува. Нужно е да најдеме заеднички јазик со откупувачите. Можно е преку регулаторно тело како во Бугарија и вклучување на државата како олеснувач. Инаку, “жив зијан” е одгледувањето на тутун по ланските цени – смета Милески. Во прилепско, откупувачите годинава собраа над 12 илјади тони тутун, а кај тутунарите се слеаја над 30 милиони евра. Вредните тутунари очекуваат уште околу десет милиони евра, државна поддршка за производството.