Трансформација во Акционерско друштво

Фудбал: Во 11 Октомври активности според прописите

Процесот е до 31 јули

Додека тренерите и фудбалерите работат зимава на подготовки, управата работи и на трансформацијата на клубот по новите прописи. Наместо Здружение на граѓани треба да биде акционерско друштво. Процесот е до 31 јули, а досега е завршен основниот дел. 11 Октомври е меѓу првите во земјава со готова документација. Досега сé е во ред. Подготвивме акти, свикување Собрание. Разгледуваме два модели, начини на трансформацијата. Може да функционираме како Одбор на директори или како Управен и надзорен одбор – вели Филип Василески, генералниот секретар на 11 Октомври. Првиот чекор е свикување Собрание на Здружението на граѓани. Таму се донесува одлука за формирање акционерско друштво. Тоа е според прописите и препораките и на последната средба во ФФМ. Клубот може да функционира паралелно и како Здружение на граѓани, но само во делот на младинските школи. За сениорскиот, прволигашки тим мора да се формира АД. Да се формира АД треба да има некоја фирма што би имала доминантен капитал. Минималниот влог е 25 илјади евра. Се ангажира брокерска куќа, која врз основа на состојбата со имотот, одредува номинална вредност на акциите. Потоа се емитираат акциите на берза. Може да купуваат јавни претпријатија, локалната… Во Вардар, на пример локалната е доминантен сопственик и постави прв човек од своите редови – информира Василески. Тоа е правна процедура преку централен регистар. Што натаму? Многумина велат дека наидуваат проблеми потоа. Имало косење со законот за работни односи. Дали за сите фудбалери треба да се плаќаат придонеси, сите да се професионалци, дел да имаат аматерски статус и да работат на други места. Дали фудбалерот треба да се потпишува наутро и да исполнува 40 часовна работна недела? Има недоречености. Што ако фудбалер е отстранет, дали ќе престане со играње или да премине во друг клуб. Под итно мора усогласување на законите со правилата и прописите на ФФМ. Тоа го чекаме да одлучиме што натаму – подвлекува Филип Василески. Досега немало искуства од соседството. Трансформацијата е нешто ново, тежок е патот до оформување клуб по современ тип, да може да опстојува на денешницава.

В недела со Дубочица

11 Октомври е на добар пат да ги одигра планирани контролни средби зимава. По високата победа од 7-1 над кичевски Влазерими, во Охрид, закажан е уште еден меч, в недела во Дојран, а противник е реномираниот српски клуб од Лесковац, Дубочица. Победен беше Охрид лоте, ремизирано со Приштина и Миравци, а порази претрпени од Металург, Гостивар и Младост Лучани.

Снегот се чисти веднаш

Само што падна снегот од 11 Октомври почнаа со чистење на теренот од стадионот “Гоце Делчев”. Ако помогне сонцето, ќе биде полесно бргу да ја снема белината. Тревата цела зима не се гледа и никој не влегуваше внатре. Но, се ближи првенствениот старт и нема веќе одложување. Екипата ќе мора да одигра барем еден тренинг меч пред борбата за бодови.

Loading