Силите чувани за Белград

Ракомет: По високиот пораз од Металург

Ништо ново од дуелите во Регионална на Жито Прилеп со шампионот Металург. Скопјанките пак победија дома со превисоки 33-19. Оставаат впечаток дека немаат сериозен конкурент во земјава. Се надевавме на пристоен пораз, но реалноста е груба. Поискусниот и поквалитетен ривал есеноска и зимава го тресеше криза, но најде сили да се мотивира токму против прилепчанките. Не форсиравме со повредени на клучни бековски позиции, со Мркиќ, Цветановска. Голманките Наумоска и Јаломитеану беа одлични. Добро се држевме првото полувреме, во второто со серија се приближивме, но немавме замени за финишот. Со неколку одземени топки и контри ни го уништија моралот. Не е ова најважниот меч. Силите подобро да се вложат за Супер лигата или Купот, при делбата на трофеи – вели Методија Петлески, тренер на Жито Прилеп. Силите се зачувани и за гостувањето во Белград на 11 март, кај Раднички. Ривалот е по мерка и оттука шансите да се забележи третата победа, после есенската со тимот на Светлана Китиќ и на гостувањето кај Бисери. Црногорките доаѓаат во последното коло и сезонава може да се заокружи со осум бода за петто место. Одиме во Белград со шанси за триумф. Договараме и дуел на враќање кај Заечар, фаворитот. Има изгледи Регионалната да ја завршиме според планот, а после да се посветиме на завршницата од домашната сцена – истакнува Ѕвонко Јанков, потпретседател на Жито Прилеп. Навивачите посакуваат побогата пролетна сезона. Федерацијата со клубовите треба да изготват распоред, за фановите да знаат со време кога, каде и со кого игра единствениот ракометен тим од градов, Жито Прилеп.

Loading