Ребус “гаѓа в срце”

Петмината членови на групата Ребус, Ване Сребрески, кларинет, Зоран Стојаноски, хармоника и вокал,  Марјан Миноски, тапани, Веселин Илиоски, соло синтисајзер, и Јове Илиоски, бас, се мајстори за забави веќе 12 години. Ја ,,палат,, атмосферата на свадби, крштевки, на другарски и други забави со богат репертоар на чочеци и валцери, ора и романси, рокенрол и  поп, па и турбо, староградско, народно, дури и изворно. Низ акордите и тактовите, низ музичкиот ритам не оставаат рамнодушен ниту еден гостин на повеќето забави не само од фамилијарен карактер. Нивната свирка буквално крева од столица. Умешни се да свират за увце, да му ја отворат душата на секого и да го ,,погодат,, во срцето без  малигани. Вешти се да расположат некој да се качи и на маса. Инаку, корените им датираат од 1992 година. Во музичкиот подем се прилагодувале на вкусовите на гостите по рестораните. Ја збогатувале музичката понуда со времето, не оставајќи ги во заборав секогаш “зелените” и вечните хитови од сите жанрови. Велат дека се ориентирани на семејни веселби, а не на секојдневни свирки. Музичката дарба ја пробале и со сопствени песни. За смртта на Горан Миноски, еден од десетмината загинати на Карпалак, кој бил брат – близнак на еден од членовите во групата, создале и снимиле песна со видео запис во негова чест. По дебито, извирале инспирации за нови композиции и снимање на новокомпонирани и преработени песни со видео запис, што резултира и со издавање на две цедиња во 2008 год. Затоа иселеници од Германија ги поканиле на турнеја за Велигденските празници. Нашите со радост и големо задоволство уживале на концертите и настапите на Ребус низ повеќе градови. И тука не стивнува музичката офанзива. Веќе снимиле три нови песни, за кои чекаат снимање на видео записи. Расмислуваат да  се кандидираат за настапи на некои од фестивалите за кои веќе имаат покани.

Loading