НЕ ДРАПАЈ КОЛЧИШТА

Глаголот ДРАПА е многу често употребуван од нашиве луѓе. Во Прилеп, посебно. Има неколку значења тој збор. Прво, означува некакво силно, грубо чешање. Се вели дека некој се ДРАПАЛ толку силно што дури си ја раскрвавил кожата. Глаголот ДРАПА се употребува и во една друга смисла, кога некој некому му се потсмева, го иронизира. Некој му се ДРАПА на некого. Тој што се ДРАПА се вели дека е ДРАПАЧ, мајтапчија. Овој глагол се употребува кога се сака да му се укаже на некого дека зборува некои празни, неосновани зборови. Се вели – “ДРАПАЈ си мевот” или “ДРАПАЈ си газот”. Во определени случаи се прават и малку посериозни забелешки, па ако некој зборува некои неосновани работи му се вели: “Не ДРАПАЈ пиштоли”, а и други такви изрази кои веќе придобиваат вулгарен призвук. Еден од тие изрази, што често го слушаме, е – “Не ДРАПАЈ колчишта”. Во Прилеп се употребува мошне често и од многу луѓе. И тој израз побудува определени вулгарни асоцијации. Ги видовме повеќето значења на глаголот ДРАПА. А што значи зборот КОЛЧИШТА? Обично, првата помисла кај луѓето е тоа дека зборот е аугментатив од именката КОЛЧЕ. КОЛЧЕТО е мало, а КОЛЧИШТЕ е големо КОЛЧЕ. Формата на тој предмет асоцира на определена вулгарност. Настанува овде извесна забуна. КОЛЧИШТА значи КОНОП, односно отпадок при производство на КОНОПОТ. Србите тоа го викаат КУЧИНА. Конопот (цаннабис сатива) своевремено се произведуваше во големи количества. Нашите луѓе во тоа време не знаеја за опојни дроги, ниту пак знаеја дека листот од конопот е одлична суровина за добивање дрога. Сега, откако и ние станавме “модерни и современи” производството на коноп е забрането. Тој служеше за производство на ортоми, вреќи, торби и друго. Од стеблото се произведуваа конопни конци од кои се сучеа ортоми или се ткаеја вреќи и торби. Отпадокот при производството најмногу го користеа водоинсталатерите. Ги обвиткуваа славините и вентилите за поубаво да дихтуваат. Тој коноп (КОЛЧИШТАТА) се замрсени, заплеткани конопни влакна. Прилегаше тоа на некаква топка, некое заплеткано клопче. Тоа тешко можеше да се среди, да се отплетка, да се размрси. Едноставно, можеше само да се скубне некое кичерче за да се намота на славината. Постои дури и една изрека: “Се сплетка како пиле во коноп”. Ќе се испозакачат тука ноктите и прстите од пилето и тешко може да се отплеткаат. Постарите го знаеја сево ова за конопот. Објасненијава ги правиме за младите. Колку да знаат дека конопот некогаш имаше поинаква примена од оваа сегашнава. Некогаш се користеше стеблото, а сега листот. Но, да се вратиме на КОЛЧИШТАТА. На човек му се вели – “Не драпај КОЛЧИШТА”, ако зборува празни муабети или едноставно, ако тресе глупости. Значи луѓето не треба да се стеснуваат да го употребуваат тој израз и ако тој многу прилега на оние вулгарни изрази кои почнуваат со зборовите “Не драпај”. Сепак, значењето му е малку поинакво. Брецкањето и навредливиот тон при употребата на овој збор, си останува, но без да има вулгарна асоцијација. Значи, драги наши! Ако зборува некој нешто неаргументирано, ако тресе глупости, слободно може да му речете да не ДРАПА КОЛЧИШТА. Слободно, без разлика во какво друштво сте. П.С. Не ја исклучуваме можноста и сега некој да си го толкува овој израз малку поинаку. На тоа има право секој. А да го кажеме и тоа дека водоинсталатерите и сега користат некаков, како што го викаат тие, коноп, но тој не е оригинален коноп. Тоа се некои синтетички влакна. Но, ете, луѓето според старата навика си го викаат коноп.

Благоја Ивчески

Loading