ИТАЛИЈАНСКО ШТЕДЕЊЕ НА УЛИЧНИТЕ ЛАМБИ

Тоа што Прилеп е меѓу првите општини која пред седум години инсталира седум илјади штедливи улични светилки со кои се заштедува 50 отсто од потрошувачката на електрична енергија, ги привлече Италијанците да понудат примена на технологијата која би овозможила дополнителна заштеда од уште 60 отсто на енергијата. Италијанска делегација предводена од екс амбасадорот на Италија, Донатино Маркони ги разгледа можностите за инвестиции и примена на современа технологија на лед диоди. Прилеп е интересен како дел од Кјото програмата на ЕУ ,,штедење енергијата до 2020 г,,. Затоа Италијанците го презентираа проект за поголема енергетска ефикасност и заштеда во уличното осветлување. Покрај тоа, можат да се активираат интернет, сообраќајните уреди за сигнализација и алармите преку соодветна инфраструктура на оптички кабли. Италијанците покажаа интерес за користење на поранешните капацитети и отворање на фабрика, нова линија каде би се монтирале новите ламби. Со изработката на физибилити студијата ќе се предвидат и начините на финансирање, односно дали ќе биде од ЕУ фондовите или поволни кредити за користење на новите светилки во уличното осветлување, на јавните претпријатија и друго – вели градоначалникот Марјан Ристески. Прилеп сега плаќа 12 милиони денари годишно за улично осветлување, а новата технологија на лед диоди се користи во Италија и Франција.

Loading