Голгетер во Романија

Горан Кузманоски

Поранешниот бек на Тутунски, Горан Кузманоски, “растура” низ салите во Романија. Со 90 гола на 34 меча, најдобар стрелец е на Одорхеу, клуб четвртопласиран на табелата. Вкупно во Лигата е шести голгетер. Кузманоски го оправдува местото во поширокиот список кандидат за националниот тим со континуитетот во кариерата. За памтење е младинското во Полска 2002, кога побегна бронзениот медал и оттогаш се наѕираше прогресот. Каде играше досега, беше меѓу најдобрите. Во Тутунски, Вардар, Металург, Тинекс, во Италија, Португалија, Исланд и сега во Романија. Го надмина татко му Петар Кузманоски – Таста. Со 29 години е во зенитот кога на силата се додава знаењето. Има огромно меѓународно искуство. Последните натпревари беа во европскиот ЕХФ куп пред три недели кога неговиот тим беше елиминиран, по победата дома со германскиот Копинген од три разлика и поразот на гости од 11. Горан и тука е ефикасен со три плус пет гола. Кузманоски е еден од ретките спортски амбасадори на Прилеп, како ракометарката Матилда Атанасоска во Германија, фудбалерите Илчо Наумоски во Австрија, Дарко Тофилоски во Словачка.

Loading