Златко Ристески, директор на ЈКП Комуналец
Пред избор на технологијата за “фабриката за отпад”
Ќе исчезне депонијата Алинци со обработка и на стариот смет

ЈКП Комуналец е во фаза на избор на технологија за селектирање на отпадот. Прилеп ќе биде прв град во земјава што ќе го селектира органскиот и неорганскиот отпад, оставен во депонијата Алинци. И сега се селектира делумно и рачно отпадот собран во околу 250 пунктови со контењери за ПВЦ и картонска амбалажа, ама со новата техника и со поставувањето на канти за органски и неоргански отпад кај секое домаќинство, драстично ќе се намалаат трошоците за фунционирањето на фирмата и ќе се создаваат пари. Од лани е отворен центарот за управување со отпад, кој врши примарна селекција, прибирање и транспорт, доселекција и депонирање. Првиот човек на ЈКП Комуналец Златко Ристески објаснува дека ќе проработи “фабриката” за отпад најдоцна за една година. Во тек е фазата на избор на опрема. Останаа за избор три фирми од шест понуди со техника за селектирање во предтендерската постапка. Една е фирмата Техникс од Хрватска, која нуди линија за 240 илјади евра, втората е Еко клуб со српски подизведувач и третата фирма е Турбо инженеринг, која е најскапа со 100 милиони денари. Техничката служба ќе ја утврди најдобрата понуда. Пред тоа, подкомисија ќе ги разгледува линиите, да се оцени што се добива за тие пари – вели Ристески за текот на процедурата. Инсталациите за селекција на отпадот ќе се постават во хала, лоцирана на депонијата. За органскиот отпад ќе биде потребна дополнителна опрема, но кога се располага со носечката техника, ќе се обезбедат средства за линијата за компостара, која ќе произведува природно ѓубре. Со линијата ќе може да се прочисти и старата депонија со порано депониран отпад. Старото ѓубре ќе се внесува во линијата и ќе се одделува ПВЦ отпадот и остатанатиот неоргански отпад, покрај секојдневното селектирање и обработување на градскиот смет. Постепено ќе се ослободува депонијата, ќе се прочистува и ќе исчезне за неколку години. Ќе се продава продукцијата на “фабриката за ѓубре” – вели Ристески.
Зелена и жолта канта
Комуналец веќе распределува три илјади пластични канти за губре, од кои садот за неоргански отпад е со жолто сина боја и ќе се дели бесплатно на секое домаќинство. Кантата со зелена боја е за органски. Има минимална цена од 1220 денари, кои ќе се плаќаат на 24 рати. Кантите ќе им се распределат на околу 16 илјади семејства во индивидуалните станбени објекти.
Уште две нови ѓубралки
Покрај двете нови возила за транспорт на отпадот од пред неколку месеци, Комуналец наскоро ќе добие уште две нови возила за кревање на градскиот смет и пренесување до депонијата. Не само што градот е чист, туку се видливи и подигнувањето и одржувањето на новите паркови.
Помали плати за стари цени
Комуналец не размислува за зголемување на цените на услугите. Наплатата е околу 90 отсто и кај домаќинствата и фирмите. Граѓаните се дисциплинирани. Го забележуваат драстичното подобрување на хигиената. Затоа плаќаат редовно. Зголемување на цените носи опасност од пад на наплатата и ефектите не би се постигнале. Цените нема да ги зголемиме, иако се најниски во споредба со Битола и Скопје. Прилепчани плаќаат 1,8 денари за ѓубретарина од метар квадратен под покрив, а битолчани дури 50 отсто повеќе. Се собираат околу 200 илјади евра, а далеку се поголеми трошоците за одржување на јавно-прометните површини, за нови паркови и за одржување на постојното зеленило. Растат трошоците и со кревањето на цената на нафтата. Наместо поскапување, ги скративме платите. Затоа Општината дотира околу 13 милиони денари, а недостасуваат уште околу четири милиони денари кои ги надоместуваме со наплата на стари побарувања – вели Ристески.
Мртовците в капела од септември
Капелата на новите градски гробишта ќе биде функционална во септември. Работите финишираат, а градските власти ќе ги утврдат цените. Прилепчани конечно ќе се спасат од домашните церемонии околу покојникот и ќе им се олеснат болките. Комуналец има позитивен став за градбата на помалата капела на старите градски гробишта, за која, здружението за обновување на старите гробишта, веќе има собрано средства, но се чека техничката процедура од урбанистички карактер. Расположени сме да стопанисуваме и со капелата на старите гробишта, да се поштедат граѓаните од дополнителни малтретирања и возења од капелата во новите до старите гробишта – вели Ристески.
![]()

