Даскал крои Маски

ЦВЕТАН ВОЛЧЕСКИ

Наставникот во подрачната паралелка на ОУ “Климент Охридски” во селото Мажучиште, Цветан Волчески, секоја година смислува уникатни маски за празникот Прочка. Пет години со ред, комбинираната паралелка освојува први места на карневалот, а еднаш дури и гран при. На наградите се радува целото село, па не е за чудење што месната заедница му дала на наставникот признание за афирмација на селото. Енергичниот наставник уште од сега има идеи за следната парада под маски. Смета дека децата од селото можат да стојат “рамо до рамо” со учениците од градот, па дури и да ги победат. Кога прв пат се “впуштил” со подготовка на маски за Прочка, во 2008-ма, веднаш ги освоил симпатиите на селото. Маската “Снежана и седумте џуџиња” била перфектно осмислена и уште подобро изработена. Со децата смислил кореографија и музичка придружба, па не избегало првото место. И “Фластер сарма сити,, го повторила успехот. Жирито не одолеало и на маските “Јапонски цреши” и “Тутунленд”. А и со годинешната маска “Дизни парти” останал осамен на врвот со својата паралелка. На децата со наставникотод Мажучиште им нема рамни за карневалски креации. Идеите прво ги претставува пред родителите, а тие веднаш “аминуваат”. Жителите имаат доверба и крајниот “производ” е без забелешки. Тоа се должи на беспрекорната соработка со родителите и децата Со успесите, цело село “скокна” на нозе и “живее за карневалот”. Не прашуваат колку чини, туку што треба да се направи. Сметаат дека со карневалот се претставува и афирмира селото. Парите од наградата се користат за екскурзии и подготовка за следната година. Селото помага како знае и умее. Родителите отстапуваат дворови за работа на маските, а годинава и трактор со две приколкиза “возот на Дизни” – вели Волчески. На креаторот на победничките маски му помага соработката на колешката Анче Ангелеска. На располагање му стои и директорот на ОУ “Климент Охридски”, Добривој Талимџиоски. Маскарите од Мажучиште учествувале на карневалот во Лесковац, Србија. Таму добиле медал за најдобра маска. Во Шабац и во Бања Ковиљача, Србите ги поздравиле со “Македонци, најдобри сте”.

Loading