Фудбал: Ардијан Нухију, нов шпиц во 11 Октомври
Не е важно кој ќе дава голови, Гешоски, Мојсовски, сите заедно одиме кон целта
Приклучен е третиот новодојден во фудбалскиот прволигаш 11 Октомври, после бековите, десниот Миодраг Јовановиќ и левиот Сашо Ѓорески, во напад засилување е Ардијан Нухију, поранешен репрезентативец. Докажан голгетер во повеќе клубови, Слога Југомагнат, Вардар, Работнички, Металург, а доаѓа од актуелниот првак, Шкендија. Првиот тренинг го одработи во вторникот, во средата замина со соиграчите во Охрид. Бргу се договоривме. По првата средба со претседателот одма видов дека имам работа со чесен човек. Тоа ме убеди да дојдам во овој клуб – рече Нухију. Есеноска и зимава имаше пауза. Навивачите се интересираат дали искусниот фудбалер ќе биде подготвен за пролетните предизвици. Првотимецот не смее да дозволи пропусти, после тешко се надополнуваат. Нухију вели дека нема потреба од загриженост, сé е во најдобар ред. Професионалец сум толку години. Чекав трансфер во странство, тренирав без застој. Нема проблем на физички план и слично, само останува подобро да се запознам со соиграчите. Некои добро ги познавам, другите ќе ги видам – вели Нухију. Очекувањата се кон подобрување на ефикасноста. Треба почесто да се тресат противничките мрежи. Есеноска скромно одеше на овој план и доведувањето на Нухију е нужност. Конкуренција или подобро речено соработници во нападот се Гешоски, Мојсовски и неколку помлади. Гешоски и Мојсовски се одлични напаѓачи. Не е важно кој ќе дава голови, сите заедно одиме кон целта, а тоа е опстанок. Убеден сум дека ќе дадеме сé од себе и за опстанок ќе се бориме како за титула – најавува Нухију. Нухију и соиграчите со нетрпение го очекуваат пролетниот старт, кај Ренова во Тетово, поместен од 4. за 11. март.
Тест со Приштина
Денеска е договорен тест на 11 Октомври со ФК Приштина. По ред е петти зимава. По поразот од Младост Лучани (2-4), ремито со Миравци (2-2) и победата над Охрид лоте (2-0), во средата беа одмерени силите со Металург (1-3). В недела е предвиден дуел со Гостивар. После завршува петдневниот престој во Охрид и тимот се враќа во Прилеп.
Утре Бизнис лига
По паузата, в сабота (15,30 ч.) во салата “Македонија” е 4. коло од градската Бизнис лига во мал фудбал. Се среќаваат: Кабелнет – Горан паркетар Електроелемент, Спорт лајф – Прилеп, Економски факултет – Агроинвест, Златна рака Проспект – Лукас Елит, Основен суд – Сидро. На табелата води З. Р. Проспект со девет бода, пред С. Лајф и Горан П. Е. по шест.
![]()

