Двете екселенции, амбасадорот на Србија Томислав Ѓурин и амбасадорот на Детската амбасада за сите деца на светот, тинејџерот, Трајче Камчески, се сретнаа на донаторска конференција каде се собираа средства наменети за отворањето на новата едукативна работилница “15-ти Февруари” во Детскиот едукативен центар “4-ти Јули”. Според двајцата дипломати, заинтересираните деца ќе можат да се запознаат со српскиот јазик и култура преку достапната литература, која ќе биде подарена на едукативниот центар, а преку социјалните мрежи ќе се промовираат културните вредности на Македонија и македонскиот јазик кај децата од Србија. Српскиот дипломат најави продолжување на соработката со посилен интензитет. Донаторската конференција се збогати со фолклорниот настап на КУД “Мирче Ацев”, со рецитаторски творби на изворна традиционална поезија од децата, како и со традиционална трпеза.