Регионалната стопанска комора на Прилеп е една од добиничките на наградите за придонес во развојот на коморското организирање на стопанствениците и подемот на стопанството во Прилеп што на претседателот Симон Наумоски, му ја додели првиот човек на стопанствениците во земјава Бранко Азески на свеченоста во Скопје, за 90 годишнината од постоењето на Стопанската комора на Македонија. На грандиозната свеченост присуствуваа претставници на државните органи, институции, дипломатскиот кор, претставници на меѓународни институции, здруженија и партнери, гости, пријатели и поддржувачи на Стопанската комора на Македонија. Во одбележувањето на јубилејот за земјава, учествуваа и Алесандро Барберис, претседател на Асоцијацијата на европските комори и замениците-претседатели на Владата, Владимир Пешевски и Зоран Ставрески. Регионалната комора во Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани е една од најактивните. Основана е во 1996 година и е наследник на Територијалниот одбор на Стопанската комора на Македонија за Општина Прилеп. Регионалната комора оствари посебни достигнувања со иницирањето и поддршката за реализација на приоритетите за развој на општините од регионот. Со активностите стана алка меѓу општините и стопанството како и главен сервис на стопанството од регионот со што даде силен импулс за заживување на стопанските текови. Комората предводена од претседателот Симон Наумоски и извршниот директор Ристо Најдоски, на многубројните седници, во присуство на градоначалникот Марјан Ристески со блиските соработници и градоначалниците на другите општини, иницираше голем број приоритети. Особено се залага за изградба на нов автопат – Велес – Прилеп преку превојот Дервен се до Битола, Охрид и Струга со крак до граничниот премин Меџитлија, за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште, изградба на индустриските зони “Металец” и “Алинци”, изградба на регионален гасовод со крак до Прилеп и Битола. Комората ќе продолжи поинтензивно да негува партнерски односи со локалната самуправа за решавање на клучните проблеми од областа на стопанството, инфраструктурата и секојдневното живеење.