Четврт Избор на најдобрите спортисти на “Зенит” и локалната самоуправа
Доделени пофалници за КК Лукас, ФК Корзо, пингпонгарскиот тренер Јованоски и моделарот Велкоски
Четвртиот Избор на најдобрите прилепски спортисти, во организација на неделникот “Зенит”, под покровителство на
Локалната самоуправа, првпат е одржан во најспортски амбиент, во спортската продавница “Лукас”. Стотината гости, меѓу кои градоначалникот Марјан Ристески и претседателот на Советот, Д-р Гордана Мицеска, прво го разгледаа асортиманот спортска опрема. Тројца спортисти беа наградени со пехари. Титулата најдобар спортист ја носи ракометарката на Жито Прилеп, Дијана Наумоска. Таа е произлезена од олимписките спортови, каде имаше најмногу кандидати: кошаркарот на Ултимејт баскет Божиќ, џудистот на Пролетер, Велески, стрелачката на Херој Прилеп, Димитриоска – Чешелкоска, ракометарките Илиеска и Петковска, пингпонгарите на Младост, Јочкоски и Лашкоски, велосипедистот на Илинден, Крстески, борачот на 7 Мај Леов, Митоски, боксерот од Ас, Николоски, и фудбалерката на Победа, Чакмакоска. Наумоска е заслужна за второто место на Жито Прилеп и пласманот во финалето и сребрените медали во Купот. Меѓу најдобрите беше во настапите од Регионалната лига. Во европскиот КПК за малку побегна пласманот во трето коло. Неколку години е член на сениорската репрезентација на Македонија. Зорица Спиркоска, каратистката на КК Ронин, е вицеспортистот за 2011. Во категоријата неолимписки спортови, таа со резултатите, ги засени кикбоксерите на Максам, Атанасоска и Димоски, параглајдеристите на Делта, Јованоски,
шахистот на Прилеп, Кироски, каратистките Јованоска и Трајкоска. Победнички името í се споменува години, од пионерски до младински категории. Ја закитувале со многу медали. Лани, втори места на државното првенство за јуниорки и
сениорки, а прво место за постари јуниорки. Втора е на меѓународен турнир во Чачак, Србија и најважното – на Европско студентско првенство во Сараево, заедно со колешките од ката тимот. Најдобар фудбалер е стоперот на 11 Октомври Филип Мирчески. Ривали му беа соиграчите Гешоски, Данилов, Димитриоски, Коруновски, Кулески, Мојсовски, Петрески, Рутевски и од Победа јуниор Александар Зојчески. Во одбраната е незаменлив – професионалец од глава до петици. Дисциплиниран и ценет од навивачите, стручњаците, управата, а секако и спонзорот. Борбеност беспрекорна, а ферплеј играч. Меѓу најзаслужните е за пласманот во Прва лига, а есеноска беше еден од поединците кои го подобруваа впечатокот на екипата. Адутие на тимот во борбата за опстанок. Врачени беа и пофалници. Првото е за третолигашкиот фудбалски лидер, ФК Корзо, а го прими секретарот Александар Попов. Цела есен беше во водство на табелата со јасна цел ранг погоре. Клубот секоја година има прогрес. Почна пред четири години од најнизок ранг и ита кон Втора лига. Игра само на гости, оти нема свој терен. Второто признание за Диме
Велкоски, активист во аеро спортовите, особено во воздухопловното моделарство. Околу 40 години е активен спортист, не само учесник, туку и успешен натпреварувач, трофеен. Носител е на медали од балканијади, светски купови и европски првенства. Предводник е на прилепската моделарска екипа повеќе од две децении. Доби и сертификат за наставник по воздухопловно и ракетно моделарство. Години е советник и тренер на
македонската репрезентација. Заслужена награда и за Зоран Јованоски, пингпонгарски тренер. Овој спорт преживува тешки моменти со условите, но екипата на Младост пак е есенски првак. Оди пак на титула, без сала за тренинг. Извесен е третиот трофеј, со човекот, играч, тренер и селектор на репрезентацијата на Македонија. Каратето е спорт на младите. Пред азбуката, ја учат вештината. Тренерите Ахил Јаков и Златко Настески од КК Лукас создаваат каратисти со медали од пионер. Нивни дела се најдобри во земјата, Звонко Николоски и Константин Василески.
Стојаноски – најсреќен читател
Според традицијата, награда и за најсреќниот читател, меѓу сите кои гласаа по СМС. Ждрепката го сакаше Никола Стојаноски. Поенот го дал за каратистката Зорица Спиркоска, за која пред сите рече дека е спортист и човек херој. Стојаноски доби пакет производи од најдоброто кафе Елит. Покрај кафе, имаше чаши, торба, чадор, плус кошаркарска топка и фудбалски дрес од 11 Октомври.
Детенце изведе ката
Гледаме често фудбал, ракомет, кошарка, а вечерта беше ретка можноста на дело да се види изведба на ката од карате. Својот талент го покажа мало детенце од КК Лукас, четиригодишниот Марко Јаков. Навистина одушеви со умешноста. Како да вежбаше дома, а не пред полна сала, немаше трема и сигурно точката ја приведе до крај. Се слушнаа громогласни аплаузи за малиот Марко.