Се појави нова ѕвезда на македонското новинарско небо. Блесна со сиот сјај. Посјајна од онаа во Витлеем што го најави спасителот. Се роди нов новинар. Млад, горд, полн со себе и со својата ароганција. Поканува гости! Зборува, прашува! А јазикот – како и на повеќето негови колеги од другите телевизии. Како и неговиот постар колега од неговата телевизија кој еднаш соошти дека Сорос имал ЛОВА ДО КРОВА. Можел да рече и ПАРИ КАКО ПЛЕВА, но ова туѓово му звучи поекспресивно.
Младиов новинар употребува збор – ШАМАР. Исто како и многу други новинари. Нема кој да им удри ШЛАКАНИЦА и затоа тие си тераат така. Во еден разговор со гостинот, нашиов млад новинар употребува ваква реченица: “Дали е тоа ПРЕТЕЊЕ со прст”? Денешниве млади можеби не знаат што значи зборот ПРЕТЕЊЕ, но новинарот го илустрираше тоа и со прстот, со показалецот. И да не знае човек дека станува збор за ЗАКАНА, мафтањето со прстот го објаснува тоа. Но, зошто ова момче не знае дека во македонскиот јазик не е ПРЕТЕЊЕ, туку е ЗАКАНУВАЊЕ? Но, добро! Да речеме дека е млад, белки ќе научи.
Понатаму, разговараат новинарот и гостинот за некој проблем што требало одамна да биде решен. Гостинот застапува мислење дека тоа е недозволено, дека проблемите треба да се решаваат навреме. Новинарот е задоволен дека проблемот, сепак се решил. Вели – “БОЛЈЕ ИКАД НЕГО НИКАД”. Браво момче! Само напред! Така треба! Можеби некогаш ќе осознаеш дека не треба да правиш вакви грешки. Можеби тоа ќе биде подоцна, но ако – “ПОДОБРО НЕКОГАШ, ОТКОЛКУ НИКОГАШ”. Белки некогаш ќе се сетиш дека телевизијата во која работиш е македонска. Дури така и се вика – НАША. Па обиди се да зборуваш повеќе нашински.
Како утеха, нека ви послужи фактот што ситуацијата со јазикот е таква и во другите телевизии. Никаде не е подобро. Безброј пати слушаме за питачите, за ПИТАЊЕТО. Добро, ама тие, новинарите од Сител не велат ПИТАЊЕ, туку ПИТАЧЕЊЕ. И не само од Сител. Го слушаме тоа и на радио и на други места. Еден штом ќе почне и сите по него – ПИТАЧЕЊЕ, па ПИТАЧЕЊЕ. А зошто не ПИТАЊЕ? Читачот – ЧИТА, не ЧИТАЧИ. Скитачот – СКИТА, не СКИТАЧИ. Викачот – ВИКА, не ВИКАЧИ. И уште којзнае колку примери има од овој вид. Таквите именки (читач, викач, тепач, исто како и питач) се добиени од глаголи со додавање на наставката АЧ. Тие именки означуваат лице кое врши некакво дејство. Значи именката ПИТАЧ е добиена од глаголот ПИТА, а не обратно. Да не должиме, ако некој се интересира за повеќе детали, нека погледне во Граматиката на Блаже Конески, на страница 176.
На МТВ, односно на нашиот ЈАВЕН СЕРВИС, би требало да слушаме најчист македонски јазик. Но, не е така. И таму грешки – еден куп.
Слушаме во некаква реклама, ваква реченица: “Некогаш НАЈВЕЌЕ зборуваат оние што не можат да говорат”.
Господа од МТВ, од нашиот омилен ЈАВЕН СЕРВИС! Вие НАЈМНОГУ треба да знаете дека не треба НАЈВЕЌЕ.
А за ПИТАЧЕЊЕТО сме слушале и на оваа телевизија. Рековме дека именката ПИТАЧ е изведена од глаголот ПИТА. А ако постои глагол ПИТАЧИ (тој ПИТАЧИ) тогаш, според логиката на нештата, именката нема да биде ПИТАЧ, туку ќе биде ПИТАЧАЧ. Се разбира дека тоа не оди. Јасно е дека тоа нема логика. Но не можеме да ја објасниме логиката што на сите телевизии ја слушаме погрешната употреба на овој глагол.
Испуштањето на членот веќе станува пословично во сите медиуми. Еве една ваква реченица: “Неговиот син е ранет ВО РАКА и ВО СТОМАК”. Редовни грешки од скопските телевизии. Зошто го испуштаат членот? Реченицата треба да гласи: “Неговиот син е ранет ВО РАКАТА и ВО СТОМАКОТ”.
Благоја Ивчески