Никола Кулески
Лета илјадници километри да игра за Македонија
Во младинската фудбалска репрезентација до 17 години повикан е Никола Кулески (15) од Маркони, Сиднеј, Австралија. Цел месец е кај роднините во градов, во семејството на татко му Благоја, поранешен фудбалер на Победа. Момчето трпеливо чека подготовки, кои се одложени поради студот. Тренирам од пет – шест години. Играм во средниот ред. Тргнав по стапките на татко ми, чии натпревари ги гледам на ЦД. Ме интересира фудбалот во Македонија и со внимание ги следам и интернационалците. Идол ми е Пандев. Без оглед дали некогаш Австралија ќе ме повика, сакам да играм само за Македонија – вели Никола. Крушата под круша паѓа. Таткото Благоја се покажа во Победа, Пелистер, Вардар, Раднички Ниш и Маркони. Го поддржа синот да дојде во татковината. Толку километри да се прелетаат значи дека е огромна љубовта кон фудбалот, кон државава и вербата во талентот кој го има малиот Никола. Таму со тимот имаше добри резултати, играа финале. Но, Австралија не е фудбалска земја. Перспективата ја гледаме тука. Планот е по завршување на средното училиште сосема да се префрли и го направи пресудниот исчекор во Европа – истакнува Благоја. За каков талент се работи, прв се увери помошник тренерот во младинската репрезентација, Тони Наумоски со селекторот Висар Ганиу. Поради невремето имало само еден тест, но доволен да го препознае минијатурнирот Пандев од Австралија. Презадоволни сме. Една класа е над сите. Затоа ФФМ се согласи да ги сноси патните трошоци и Никола да доаѓа редовно на наредните собири, на секои два три месеца – рече Тони Наумоски. Никола Кулески и репрезентацијата ќе го имаат најсериозниот предизвик во квалификациите за ЕП против Шведска, Ирска и Романија.