Металург првпат се плаши

Ракомет: Одложувања во Регионалната лига

Скопјанките имаат повредени и избегнуваат меч

Нема кој да спроведе ред во Регионалната ракометна лига за жени и затоа оставено е на клубовите сами да се договараат кога ќе играат. Уште не е закажан мечот во Скопје меѓу Металург и Жито Прилеп. Гостинот прифаќа секаков датум, а домаќинот молчи. Металург треба да се изјасни за меч в сабота. Предолго чекаме одговор и неизвесно е дали ќе прифатат. Немаше минатиот викенд, не се знае ни сега. Станува несериозно првенството – реагираат од Жито Прилеп. Металург, иако фаворит, првпат се плаши. Такви информациите се шират. Зимава заминаа неколку стандардни првотимки, редовите им се разнишани, а после отпаѓањето од европскиот КПК, атмосферата е нарушена. Има вести дека клучни играчи се повредени. Додека не се залечи тимот од Автокоманда, ќе го пролонгира датумот за мечот. Слушаме дека имаат повредени. Не е во ред. Треба побрзо да одиграме, а потоа да се свртиме кон Супер лигата – истакнуваат од Жито Прилеп. Жито Прилеп има обврски кон Регионалната лига за четири меча докрај. Освен со Металург, гостувањата се кај српските Заечар и Раднички Белград, а дома со црногорскиот Бисери. Тие дуели ќе се случат после 10 март. На 10 март стартува разигрувањето во Супер лигата и веднаш после е тринеделна пауза. Тогаш е најдобро да одиграме во Регионалната – сметаат во Жито Прилеп. Додека дојдат на ред натпреварите, маки за ракометарките и тренерот Менде Петлески, кои тренираат секој ден во салата “Сонце”.

Loading