Менаџмент со најголемото основно училиште

Виолета Лашкоска, директор на ОУ “Добре Јованоски”

еланот и енергијата на помлдите наставници и другиот кадар одлично се споени со богатото искуство на првиот човек во мултикултурната образовна институција

ОУ “Добре Јованоски” во населбата Тризла е најголемо училиште по број на ученици и кадар и по површина. Со местоположба каде мултикултурализмот е најпотребен, веќе три години директор е Виолета Лашкоска. Таа го посветила работниот век на оваа установа, почнувајќи како педагог, а бидејќи сакала да биде поблиску до учениците, зела под закрила една паралелка од одделенската настава и 26 години била учителка. Тоа í е период кој најмногу го сака. Како повозрасна одлично успева да го спои еланот и енергијата на помладите наставници и другиот кадар и нејзиното богато искуство. Во училиштето се образуваат 1266 ученици во 54 паралелки, а одговорни за нив се 70 наставници. Другиот кадар се состои од педагог, дефектолог, економ, социјален работник, котлар, хаус-мајстор, како и 8 служители и двајца ноќни чувари. Сé на сé, 90 вработени се трудат условите да бидат како што заслужува модерна образовна институција – ја објасни директорката кадровата поставеност.

Реновирано училиште  и со млади наставници

Се пофали со подмладениот наставнички кадар за кој имаше само суперлативи. Млади се и сакаат да работат и да се докажуваат. Ако затреба помош, тука се службите кои секогаш стојат на располагање. Училиштето  не е арото. Многу нешта се сменија во последниве 5-6 години. Покрај тоа  што поголем процент на ученици се од ромска националност, тоа не значи дека заостануваме зад останатите училишта. Последниве две години се избрани деца-Роми за првенци на генерација. Нема никаква дистинкција меѓу децата. Видлива е зголемената трудољубивост и желбата за учење. Во мешаното училиште, задоволство ми е да кажам дека во мојата долгогодишна кариера немам видено нити чуено било каков инцидент на етничка основа – кажа Лашкоска која и ден денеска се среќава со свои бивши ученици кои сега се угледни и добри граѓани. Стручната служба е секојдневно во контакт со учениците и родителите. Тоа доведува до одлична соработка за доброто на децата, а посебно на социјално загрознитедеца. Затоа имаат контакти и со Центарот за социјална работа. Училиштето е претесно да ги прими учениците. Осум паралелки учат во ,,филијалата,, во Центарот за обука. Имаме одлична соработка со директорот Борче Ѓорчески. Тамошните паралелки постојат веќе 15 години и се во целост опремени како и во училиштето – истакна Лашкоска, акцентирајќи го поведението на учениците во подобрувањето на условите каде учат.

Тежат-лежат награди

Советот на родители е постојано вклучен во наставниот процес и придонесува за подобрување на наставата со свои идеи, кои службите наоѓаат начин да ги остварат. “Врие” од пехари и пофалници во шкафовите на наставничката канцеларија. Тоа се признанија за заслужни ученици, кои под водство на наставниците изведуваат секционерски активности во слободното време. Имаме англиска, германска, француска, литературна, драмска и други секции, кои редовно се учесници на училишните смотри и често сме гости на патроните празници од другите училишта, каде учениците изведуваат свои лични творби или рецитираат. Последниве две години зедовме втора награда на државно ниво по историја, а по физичко сме активни на сите спортови. Лани шестодделенците освоија прво место на општинско ниво. За празникот Прочка, задолжително учествуваме и со групни и со индивидуални маски. Повеќепати сме наградувани – рече директорката, во обид да издвои некои од многуте награди и признанија. ОУ “Добре Јованоски,, е пример за соживот помеѓу два етникума, а тоа го прават со взаемна почит кон традицијата и културата на сите ученици. Главен празник е патронатот на 19-ти септември. Со пригодни манифестации ги славиме поголемите верски празници како Божик, Велигден, Рамазан Бајрам и Курбан Бајрам. Најголемо задоволство ни е празнувањето на Ѓурѓовден, кој е празник што ги поврзува двете заедници што учат овде. Мултикултурниот центар во населбата Тризла е место каде се зближуваат двете култури. На сите празници се прават штандови со рачни изработки од учениците, а средствата од продажбата на творбите хуманитарно ги делиме. Имаше случај кога помогнавме за операција на едно дете, која се изведе во Виена – вели Лашкоска, осврнувајќи се на честите посети на Домот за стари и изнемоштени лица и Центарот за деца со посебни потреби, каде учениците ги развеселуваат вдомените. Со помош на локалната самоуправа направени се доста промени во училиштето. Целосно е променет покривот, сменет е дел од дограмата, има нови санитарни јазли, поставен е громобран, видео надзор, алармен систем, сменета е разводната табла за електрична енергија, премалтарени се сите училници, има осветлување на дворот, фасадата е целосно сменета, а најголем проект е реновирањето на котларницата и дел од радијаторите. Потрошени се околу седум милиони денари. Доказ дека учениците не го забораваат првото училиште е тоа што екс-ученичката Сабина Асаноска дала донација за премалтерисувањето на целиот трет кат. Имаме одлична соработка со сите основни училишта, а и со невладините организации “Романо про англе”, “Ромска солза” и “НРЦ”, кои работат на социјална инклузија на Ромите во оштеството – кажа директорката, пофалувајќи го својот помошник Сокле Митрески, кој работи со децата и ги носи на натпревари. Лашкоска најавува изградба на фискултурна сала и хортикултурно уредување на училиштето, за кое се чекаат подобри временски услови. Училиштето е редовно посетувано од претставници на Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат, кои им укажуваат на малите проблеми со новината на водење на евиденција. Ама сето тоа се решава во од – заврши директорката која е задоволна од медиумската застапеност во нашиот весник.

Loading