Крале Марко и Црна Арапина за Прочка

Групната маска Крале Марко и Црна Арапина од ученици од Прилеп ќе биде една од околу 150 маски и две илјади учесници, кои ќе дефилираат в недела на булеварот на традиционалниот 12-ти карневал “Прочка”. Организаторите, локалната самоуправа и здружението “Прилепски мечкари”, велат дека групите или поединците, можат да се преправаат како сакаат, но апелираат маските да не содржат елементи со кои можат да се нарушат меѓуетничките односи. В недела се очекуваат учесници од Македонија, Србија, Албанија, Бугарија. Финализирани се маските на учениците од средните и основните училишта. Во чест на прилепскиот креатор на маски со традиција, Бранко Најдоски – Метларо, кој пред три недели почина во сурат на карневалот во Перник, неговите почитувачи ќе изведат ревија на досегашните негови маски, изработени од природни материјали, кои често ги возбудуваа не само набљудувачите на карневалот во Прилеп, туку и во околните земји. Карневалот ќе го удостојат и делегации од Украина, Холандија, Португалија, Хрватска, како и претседателот на Европската федерација на карневалски градови, Хенри Ван Дер Крон – изјави Ванчо Георгиев од здружението “Прилепски мечкари”. Пред традиционалното простување на верскиот празник Поклади и амкањето на јајцата, денес во Ц.К. “Марко Цепенко” ќе се отвори изложба на маски, изработени од учениците. Според советникот за култура Снежана Ристеска, в сабота, низ центарот ќе настапат мажоретки, мечкари, жонглери, куклари, кловнови, а за увертира на “карневалското лудило” на плоштадот ќе забавуваат групите  Д Хаундс и Паркети. Посетителите ќе бидат почестени со варено вино, топла ракија  и чај а  кафетериите ќе имаат продолжени работно време за абавата под маски.

Loading