Пријатно изненадување за учениците од ОУ “Кочо Рацин” предизвикаа Германките Ане – Катрин Клат и Клаудиа Сил, кои изведоа претстава во Прилеп. Пред тоа, децата испеаја неколку песнички на германски јазик и броеја на мешан англиско-германски јазик. Се препознаваше еланот кај нашите мали “Германчиња” да се покажат пред гостинките. Сите во еден глас кажаа дека го учат германскиот јазик, оти им е интересен и го сакаат повеќе од англискиот. Кај второодделенците видливи беа различни емоции од невообичаениот перформанс во кој немаше текст, туку само музика, која беше доволна да се илустрира и да се долови темата. Музиката варираше од тмурна до весела додека на сцената изведувачките на едноставен начин го прикажаа процесот на еволуција. Една сина вреќа постојано менуваше облици, што кај децата предизвикуваше смеа, љубопитство, а напати и страв од непознатиот и интересен перформанс, приспособен за возраста. Децата се членови на германската секција од училиштето кое работи по проектот “Германски јазик од прво одделение”. Наставничката Габриела Темелкоска им ги објаснуваше деловите од претставата кои децата потешко ги разбираа. Двете гостинки од Германија изразија задоволство од реакциите на децата и дека детето е дете, без разлика од каде е.