Без душа, не си уметник

Маја Џордано, сликар

“Да се биде уметник, значи да имаш душа, да бидеш човек. Да си почитувач на минатото, чинител на сегашноста и сонувач на иднината”. Вака вели уметникот Маја Џордано, која додава дека уметникот чувствува и сочувствува. Секој уметник е еден вид заложник на времето во кое живее и настаните што се случуваат. Сликите ги пренесуваат зборовите што не се искажуваат, чувствата што не се гледаат, нештата кои значат – вели Џордано. Маја е млад уметник. Од најмала возраст покажала афинитет кон цртањето и уметноста. Официјално, уметноста ја заробила по 15 годишна возраст. По неколку години нејзиното омилено хоби í станува реалност. Најмногу сака да слика портрети, но ја овековечува и мртвата природа. Портретите ми се омилени. Сакам да овековечувам луѓе. Сликам и мртва природа, икони, а со четката создавам и надреалистички дела -објаснува Маја, не криејќи го задоволството што се претставила со дела  пред своите сограѓани на прва самостојна изложба.

Loading