Бастунот и пушката на Чоната

Ниту снегот до колена, ниту студот под нула, ниту деветтата деценија  од животот не го спречија Благоја Чоноски – Чоната, ветеранот од НОБ да загази во дебелото белило и да им пренесе на младите за епопејата на февруарскиот поход пред повеќе од 60 години. Заедно со помладите планинари, Чоноски, со бастунот в раце, наместо како некогаш со пушката на рамо, им раскажа за херојскиот подвиг на партизаните низ студот и снегот. Им порача да ги негуваат славните настани, зашто таму е коренот на нашата Татковина и државност. Меморијалниот марш по врвиците на партизаните, учесници на февруарскиот поход привлече неколку десетици планинари и други љубители на природата. Високите навеви во околината на селото Присад, кај Кукул им претставуваа задоволство за совладување, но и гордост што се потомци на плејадата македонски јунаци од поблиската историја.

Loading