Звукот ми е ликовен елемент

Богдан Грабулоски, вајар

Богдан Грабулоски – Боначо, завршувајќи ја Академијата за ликовни уметности во Приштина во 1980 година, а потоа и магистратурата на Универзитетот за уметност во Белград, го трасира својот уметнички пат како вајар. Создаде многубројни дела во камен, но се “проба” и во други техники. Со години придонесуваше за ликовниот живот во градот, организирајќи изложби во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”. Административно заминува во пензија, онака како што знае и умее, со изложба. Вечерва од 19 часот во галеријата на Центарот за култура ќе се претстави со делото “Софија на стол”. Скулптурата е во камен, работена пред 30 години. Ја изложувам, заради тоа што и сега е актуелна. Тематски е интересна. Ја претставува мудроста на малиот стол. Инспиративна е мудроста од мислата. Од бел камен – сивец е – вели вајарот. За 30 години творештво, создаде многу дела, слики и цртежи, оти уметноста пулсира од секоја негова клетка. Научно пристапувам во творештвото. Основата ми е звукот. Тој е многу интересен ликовен елемент. За секој уметник е важно преку делото да го пренесува чувството – потенцира Боначо, кој вели дека додека го држат умот и рацете, нема да се откаже од уметноста.

Од 1999 година е Витез на одделот за уметност на Ордине Аццадемица Интернационале – Греци – Марино, Вербано, Италија. Реализирал бројни самостојни изложби во родниот град, во Скопје, Битола, Охрид, Куманово, а бил дел од претставувањата на групни изложби во Мурска Субота во Словенија, во Софија, Панчево, Истанбул, Суботица, Санкт Петербург, на Интернационалното биенале во Сао Паоло. Учествувал на манифестациите на ЦСЛУ, на колониите во Сопоча и Комарно. Добитник е на првата награда во Мурска Субота, на Нерешки мајстори во 1986 година, на СОРОС центарот за годишна изложба. Дел е од краткиот филм “Крикот на глувонемиот”.

Loading