Извајани како уметнички дела кои за секунда би се изеле, вовчиња од компири и моркови, шума од брокула, споменици од зелка, кочијата од Пепелашка од тиква, како во приказната. Тоа се дел од имагинацијата и вештите раце на учениците, наставниците и родителите од ОУ “Рампо Левката. Така ја свати препораката од Министерството за образование за интеграција на еколошката едукација со подточка “Здрава храна за детство без маана”. Вредните ученици, родителите и наставниците “ги засучиле ракавите” и направиле “чудесии” од зеленчук и овошје. Со официјални рецепти пратени преку Еко-Мрежата, детално е осознаена подготовката на мајсторлаците, кои ем треба да бидат вкусни, ем да изгледаат одлично и уникатно. Училниците се претвориле во кујни. Не се жалело ниту време ниту материјали за готвење на здрава храна. Родителите и наставниците наоѓале слободни термини да им помогнат на учениците во изработката на “склуптурите” од храна. Од дома носеле зајре, а некогаш и варени компири и моркови за полесно да подготвуваат во импровизираните работилници. Од резултатот “застанувал здивот”. Одлично се вклопила детската имагинација со вештите раце на родителите и наставничкиот кадар. И ентериерот на училиштето е целосно “облечен” со постери, слики и текстови за здрава исхрана, во исчекување на “Деновите на овошје и зеленчук”. Учениците не само што се забавувале, туку и го промениле начинот на кој размислуваат за исхраната. Сега ја намалиле малку мрсната и пржена храна, избегнувале “брза храна” и ја заменувале со здрава и подеднакво вкусна храна. Оваа програма е темелна и долготрајна и е под покровителство на првата дама Маја Иванова.