Топ сикрет до Прочка

Почнуваќи од директорот, преку наставниците и учениците од ОУ “Кире Гаврилоски”, сите љубоморно си ја чуваат тајната за годинешната маска за празникот Прочка. И така треба. Бидејќи, според зборовите на наставничката по ликовно Анита Сотироска, почнале да ја прават од пред еден месец, а учествувале сите ученици од шесто до осмо одделение. Помогнати биле од наставничките Виолета Велкоска – Проскова по географија, Габриела Јосифоска – Димеска по англиски, Сузана Николоска по македонски и Марија Николоска од одделенска настава. Училиштето ќе ги претстави трите маски – поединечно, ама ќе има една главна, која во два дела ќе се комплетира преку кореографија и музички настап. Во неа ќе доминираат осмоодделенци, а во другите ќе бидат вклучени сите ученици. Некои ќе продефилираат, а некои ќе бидат логистичка поддршка на изведбата. Најважно е што сите ќе бидат дел од големиот проект кој до Прочка останува во најголема тајност од страв дека некој може да им ја “украде идејата”. Засега има само “трејлер” од настанот, да се заскокотка имагинацијата, со цел да се чека Прочка со уште поголема возбуда. Во тајната за групната маска, успеавме само да откриеме дека дел од настапот ќе вклучува мажоретки, кои музика и кореографија вежбаат повеќе од еден месец. Сите ученички – мажоретки се од осмо одделение.

Loading